Потребна е изградба на нов автопат, односно инфраструктурно поврзување со Бугарија, за да се зголеми трговската размена со оваа соседна земја.
Ова било заклучено на денешната средба меѓу министерот за економија, Дритон Кучи, и претседателот на Македонско-бугараската стопанска комора, Зоре Темелковски.
– Македонија и Бугарија негуваат пријателски односи, а на економски план се бележи континуирано зголемување на обемот на економска соработка, меѓугранични проекти и поддршка во стратешки проекти за инфраструктурно поврзување, како што е поврзувањето со автопат и со железничка пруга. Двете страни се согласни за потребата од проширување на економската соработка во повеќе сегменти. За тоа е неопходно подобрување на патната инфраструктура, за што и Македонија и Бугарија прават напори да се изнајдат средства за изградба на нов автопат, што би придонело за зголемување на трговската размена – се вели во соопштението на Министерството за економија.