fbpx

Потребни се други мерки за превенција, а не кривична одговорност за деца под 14 години, тврдат експертите

Од УНИЦЕФ, во изјава за Мета.мк ги повикаа јавноста и медиумите да промовираат превенција и ресторативен пристап во справување со прашања поврзани со насилство меѓу деца и деца во контакт со законот, наместо да бараат казнени мерки и политики

-

Дали треба да се намали возрасната граница и дали и деца под 14 години треба да подлежат на кривична одговорност е прашањето по кое се отвори дебата во јавноста, откако во Србија 13-годишниот К.К. уби девет луѓе и повреди уште седум во ОУ „Владислав Рибникар“. Тој ќе полни 14 години во јули годинава, што значи дека само поради тие два и пол месеци нема да може кривично да одговара. Во Србија веќе наголемо се дискутира дали е потребно намалување на возрасната граница, односно децата над 12 години да влезат во категоријата кривично одговорни.

Исти законски одредби како во Србија има и во земјава, односно децата под 14-годишна возраст не подлежат на кривична одговорност. Доколку дете под 14 години стори кривично дело, за него не се надлежни правосудните инстанци во земјава, туку центрите за социјална работа. Децата од 14 до 16 години можат да се упатат во воспитно-поправни домови доколку сторат кривично дело, додека деца над 16 години можат да издржуваат и затворска казна.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески пред неколку дена нагласи дека „трендот на намалување на возрасната граница на сторители на тешки кривични дела го забележуваме и во постапувањето во нашата земја“.

„Тоа е нешто што загрижува и за што во најскоро време треба да бидат преземени конкретни превентивни активности од сите надлежни институции“, рече тој.

Јовески изрази подготвеност Јавното обвинителство активно да се вклучи со свој придонес во секоја евентуално иницирана јавна расправа, со цел измена на законските одредби во таа насока.

Но, не сите експерти во оваа област се согласни дека се потребни законски измени во овој дел, а со цел да се спречат или превенираат кривични дела. Бојана Неткова, адвокат и експерт кој работи и ја истражува темата права и правда за децата, член на работната група за измени на Законот за правда на децата и сертифициран обучувач од УНИЦЕФ, за Мета.мк вели дека исклучоците не смеат да ги диктираат правилата и дека потребни се сосема други мерки за да се превенираат кривичните дела сторени од малолетни лица.

Бојана Неткова / Фото: Лична архива

„Такви законски измени не можат да бидат донесени од причина што би биле спротивни со меѓународните стандарди, но и со правата на децата, односно со основното начело на најдобар интерес на детето. Не може да се очекува ниту да се бара дете на 10, 11, 12 или 13 години да биде кривично одговорно, кога истото тоа дете не е ни свесно за реципроцитетот на причинско-последичната врска помеѓу преземените дејствија и резултатите од тие дејствија. Впрочем сите други закони во државава ги препознаваат децата како деца без способност да носат одлуки пред 18-годишна возраст, како на пример Законот за семејство кој предвидува стекнување со деловна способност на детето тек од 18-годишна возраст. Тоа пак тесно е поврзано и условено со правото на гласање. Оваа возраст не е определена паушално туку врз основа на детални истражувања од кои е произлезено дека таа возраст е најсоодветна кај детето во поглед на значење на постапките и делата кои ги презема и одговорноста за истите“, вели Неткова.

Таа смета дека ресторативната правда е клучна и мора да заземе примарно место кога станува збор за децата сторители на кривични дела. Фокусот, според неа, треба да биде ставен на отворање Центар за заштита на деца и работа со деца сторители, да се зајакнат и центрите за работа со овие деца кои се под законската граница на кривична одговорност.

„Со овие деца мора да се работи интензивно, треба да има посебни програми во училиштата специјализирани за работа со нив, каде истите правилно би се развивале и акцентот мора да е тука, а не на санкционирањето на детето и кривичната одговорност. Потребни се специјализирани програми во центрите за социјална работа како за децата така и за родителите на овие деца, бидејќи како и да ги поставиме работите, најмногу зависи од родителите како едно дете ќе се развива. Не смееме да дозволиме исклучоците да станат правило. Секаде има исклучоци и за тоа постојат механизми, но не се менуваат законите во целост и се оди на штета на останатите водејќи се по исклучокот“, смета Неткова.

Од УНИЦЕФ, во изјава за Мета.мк ги повикаа јавноста и медиумите да промовираат превенција и ресторативен пристап во справување со прашања поврзани со насилство меѓу деца и деца во контакт со законот, наместо да бараат казнени мерки и политики.

„Ресторативниот пристап се раководи од принципот дека треба да се одвои личноста од однесувањето, се промовира одговорност и се става фокус на поправање на штетата што настанала од ситуацијата. Намалување на возрасната граница на кривична одговорност ги загрозува детските права и е спротивна на Конвенцијата за правата на децата. Северна Македонија ја ратификува Конвенцијата во 1993 година“, велат од УНИЦЕФ за Мета.мк.

„Комитетот за правата на децата ги повикува државите членки да не ја намалуваат минималната возраст за кривична одговорност во никој случај. Кога станува збор за кривични дела извршени од деца, мора да ги имаме предвид основните фактори како што се лошото ментално здравје, изложеноста на насилство, омраза и дискриминација, исклученост од образование и социјални можности, пристап до оружје, ограничен пристап до социјални услуги и сиромаштија“, додаваат од УНИЦЕФ.

Александар Кавчиќ, професор на Универзитетот „Карнеги Мелон“ во САД, за српските медиуми изјави дека во Америка, иако законите во однос на возрасната граница се многу построги, тоа не довело до намалување на насилството.

„Америка има закони, кои ги донесе уште во 1990-тите, според кои малолетните престапници може да се третираат како возрасни. Тоа не го намали насилството, згора на тоа – го зголеми. Менувањето и заострувањето на законите со построго казнување на малолетниците не помага и води кон тоа понекогаш напаѓачите да извршат насилство, а потоа самоубиство“, изјавил Кавчиќ.

Како е прашањето регулирано во светот?

Српската Н1 направи анализа во однос на регулацијата на ова прашање во државите ширум светот, каде што во принцип границата за кривична одговорност на деца се движи околу 14 години, но има и отстапки.

Па така, во Холандија пред пет години била направена анализа и студија која покажала дека 12-годишните деца се премногу мали за да бидат свесни за криминалните дела и да можат да учествуваат во нив. Советодавното тело на холандската влада препорачала границата да се зголеми на 14 години.

Во истата студија се заклучува дека зрелоста на детето зависи од индивидуалниот развој, но дека прекршувањето на законот од страна на децата треба да се решава надвор од кривичните постапки и рамки. Сепак, иако препораката била да се подигне границата, холандската влада се уште не се одлучила на таков чекор.

Кога станува збор за земји во Европа каде старосната граница за кривична одговорност е над 14 години, тука спаѓаат Чешка, Финска, Шведска, Данска, Норвешка, Исланд, Грција, Монако, Луксембург и Португалија. Таму старосната граница е меѓу 15 и 18 години. Во Грција децата можат да одговараат на 13-годишна возраст, но не можат да бидат лишени од слобода пред да наполнат 15 години.

Во Луксембург, законот вели дека секој помлад од 18 години кој сторил кривично дело оди пред судови за малолетници, а како казни предвидени се терапија и образование. Кога станува збор за скандинавските земји, старосната граница е 15 години и сите казни што можат да се изречат за под 15 години се во согласност со Повелбата за правата на детето.

Според законите на Португалија, Русија, Украина и Ерменија, децата помлади од 16 години не подлежат на кривична одговорност, но децата на возраст од 14 и 15 години можат да бидат одговорни и за најтешките кривични дела наведени во кривичните закони на овие земји.

Покрај овие, постојат и режими наречени хибридни. Тука спаѓаат Франција и Турција. Тоа се земји каде што е можно да се докаже дека лицата помлади од 18 години биле способни или не, да го разберат значењето и последиците од нивните постапки. Франција ја остава отворена можноста децата на возраст меѓу 13 и 18 години да бидат кривично гонети, како и да бидат предмет на казни за возрасни.

Во Турција децата помлади од 12 години не можат кривично да одговараат, а доколку се меѓу 12 и 14 години, се докажува дали биле свесни за своите постапки и дела.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...