„Четвртина век по завршувањето на Студената војна, стоиме на раб и треба да одлучиме дали ќе продолжиме со ваквата соработка за безбедност. Се наоѓаме во период кога заканите не доаѓаат само однадвор, туку и однатре“, изјави на завршната прес-конференција шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмаер, алудирајќи на кризата во Украина.

Тој истакна дека за време на министерскиот состанок, имале и несогласувања за одредени прашања, но, исто така, дека за многу работи е постигнат напредок и договор.

Во декларацијата, усвоена од т.н. ОБСЕ-тројка (Германија, Австрија и Италија) се наведува дека Организацијата за безбедност и стабилност на Европа докажала дека е клучна за осигурување на безбедноста на Европа и за зајакнување на соработката, особено меѓу земјите од северната хемисфера.

„Сепак, конфликтот во и околу Украина покажа дека не можеме слепо да се придржуваме до меѓународното право, до нашите заеднички принципи и обврски и да ги земаме здраво за готово“, стои во декларацијата и се додава дека е неопходно целосно да се почитува овој концепт.

Во документот се наведува дека ОБСЕ ја има докажано својата платформа за дијалог меѓу поделените страни и оти меѓу политичките лидери мора да има дијалог.

Тројката наведува дека конфликтот и поделеноста фрлаат сенка врз безбедносниот поредок на Европа и се одразуваат врз животите на сите. Затоа, како што се наведува во декларацијата, мора да се спречат избивањата на конфликти и да се работи на наоѓање решенија за постојните конфликти во рамките на регионот на ОБСЕ.
На крајот од декларацијата се наведува дека ОБСЕ може да биде силна само толку колку што нејзините членки ќе дозволат.
„Затоа ги повикуваме земјите членки да се придржуваат до своите обврски во рамките на заедничката организација и да работат заедно“, стои на крајот од декларација.

На министерскиот состанок, исто така, се разговараше за фундаменталните безбедносни предизвици, транснационалните закани, воените конфликти, како и за заедничкиот простор меѓу Ванкувер и Владивосток.

На состанокот беше заклучено дека во овие тешки времиња, кога земјите членки се соочуваат со закани, потребно е да се врати довербата меѓу земјите и да се обнови сигурноста.

Во однос на конфликтот во Украина, министрите ги повикаа сите инволвирани страни да ги исполнат своите обврски, преземени со Договорот постигнат во соработка со ОБСЕ и трилатералната контакт-група, како и целосно да го имплементираат договорот од Минск.

Во однос на транснационалните закани и предизвици, како што се тероризмот, засилениот екстремизам и радикализацијата, министрите заклучија дека е потребна заедничка акција против овие закани. Но, исто така, според нив, потребно е безрезервно да се почитуваат човековите права, фундаменталните слободи и владеењето на правото.