МЕПСО ќе инвестира 35 милиони евра во двата проекти за изградба на 400 киловолтен далновод за поврзување на електропреносните системи на Македонија и Албанија и на нова 400/100 киловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид. Во владата денес беа потпишани договорите со изведувачите „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина и „Кончар“ од Хрватска. Реализацијата на проектот е од огромно значење за нашата земја, бидејќи со него ќе се стави во функција коридорот за пренос на струја од Бугарија, преку Македонија и Албанија, до Италија.

Премиерот Оливер Спасовски во своето обраќање истакна дека со овие инвестиции се подига степенот на стабилноста на електроенергетските системи за подобра продуктивност, што е од интерес за домашните и странските инвеститори кои имаат придонес во растот на економијата.

– Регионалното поврзување на електропреносните системи е долгорочен стратешки интерес за секоја држава. Врските со соседите значат електроенергетска стабилност – основа за секоја просперитетна економија. Нашата работа е токму тоа – нагласи генералната директорка на МЕПСО Ева Шуклева.

Новиот далновод меѓу Македонија и Албанија ќе се гради од трансформаторската станица „Битола 2“ до трансформаторската станица „Елбасан“. Воедно, проектот за изградба на 400/100 kv трафостаница „Охрид“ ќе обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија на Охридскиот регион. Спроведувањето на проектот е со финансиска поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).