Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за национална одбрана на Република Грција денеска во Атина потпишаа технички аранжман за надзор на воздушниот простор, соопшти македонското Министерство за одбрана.
Аранжманот кој го потпишаа началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски и началникот на одбраната, генералот Христос Кристодулу претставува официјализирање на мисијата „Air– policing“, а ќе се реализира во координација со НАТО.
„Потпишаниот аранжман произлегува од новиот Договор за соработка во одбраната, потпишан од страна на министрите за одбрана, Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис, за време на посетата во април годинава на високата владина делегација на Грција на нашата држава. Инаку, во месец мај со два прелети во воздушниот простор на Република Северна Македонија од страна на воздухоплови Ф-16 на грчката армија, се изврши првиот пробен прелет за потребите на НАТО мисијата „Air-policing “, со цел проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор“, соопштија од МО.