Русковска-Краја
фото: ОЈО ГОКК

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал на Албанија денеска потпишаа Меморандум за разбирање, со кој се обврзуваат на заемна соработка и размена на информации и документи, соопштија од ОЈО ГОКК.

Меморандумот го потпишаа Основната јавна обвинителка Вилма Русковска и нејзиниот албански колега, главен специјален обвинител во Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, Арбен Краја.

„По плодната дискусија во врска со подобрување и унапредување на билатералната соработка во борба против организираниот криминал и корупцијата, двајцата обвинители водени од принципите на еднаквост, меѓусебно разбирање и заемни интереси, потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу обвинителствата со кои раководат“, стои во соопштението на ОЈО ГОКК.

Со Меморандумот двете обвинителствата се обврзуваат, во рамки на своите надлежности и согласно европското законодавство и законодавствата на Северна Македонија и на Албанија, да ги зајакнат меѓуинституционалните односи во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Воедно, обвинителите се договорија да соработуваат преку размена на информации и документи поврзани со нивниот делокруг на работа, да се советуваат за општи правни прашања поврзани со заемната правна помош и да имат меѓусебни посети, со цел подобрување на знаењето и зајакнување на вештините на јавните обвинители.