fbpx

Потпишан договор за соработка меѓу бизнис-заедниците на Македонија и на Грција

-

Грција и Македонија ја интензивираат соработката меѓу бизнис-заедниците со нов договор за соработка меѓу стопанските комори на двете земји.

Договорите во понеделникот ги потпишаа претседателот на Регионалната комора при Стопанската комора на Македонија, Горан Рафајловски, и претседателот на Асоцијацијата на бизнисмени во Солун, Јанис Мандринос.

Мандринос во разговор за „Мета“ истакна дека овој договор се однесува на соработка во неколку сектори, како трговијата, туризмот, инвестициите и економскиот развој. Според него, од голема важност е да се развие позитивна бизнис-клима и двете соседни земји и бизнисмените да соработуваат меѓусебно.

– Веруваме дека можеме да соработуваме, да има синергија и соработка како меѓу нашите, така и меѓу бизнисмените од соседната земја. Сметам дека овој договор ќе помогне и за поддршка на економијата и општо за бизнисмените, нивните бизниси, а кога ќе има развој благодарение на бизнисите, ќе се развијат и нови бизниси, ќе се формираат и работни места и ќе се развие и економијата на двете земји – вели Мандринос.

Тој оценува дека договорот отвора нови хоризонти за соработка и дека ќе донесе бројни успешни активности меѓу двете комори и бизнисмените на двете земји. Најави дека една од првите активности е поканата македонската комора и бизнисмени да учествуваат на Балканскиот економски форум што ќе се одржи летово во Грција.

– На крајот на јули, ќе организираме Балкански економски форум, за кој разговаравме на средбата и ќе има учество и на извозници и на увозници од соседната земја. Овој форум ќе биде, главно, за земјоделските производи и ќе има учество и од комората од Скопје. Покрај ова, ќе имаме и заеднички активности за учество на саеми, размена на информации за бизнисмените што сакаат различна соработка меѓу двете држави. Ќе имаме заеднички активности во целата палета на бизнис-активностите за да се помогнат бизнисмените и да се поттикне економијата на двете земји – истакна Мандринос.

Претседателот на Регионалната комора при Стопанската комора на Македонија, Рафајловски, вели дека првиот чекор е многу тежок, но е многу важен, особено зашто се почнува со спојување на бизнисите кои се и главни двигатели на економиите. Тој истакна дека потребно е да се оформи позитивно мислење помеѓу бизнисмените за да можат да се иницираат и други промени што позитивно би влијаеле и на двете страни.

Вкупната трговска размена на Македонија со Грција во 2015 година е 664,9 милиони долари. Лани беше забележан пад во трговската размена од 25,2 отсто во споредба со истиот период од 2014 година. Извозот од Македонија кон Грција во 2015 година бил 165,7 милиони долари, додека увозот е 499,2 милиони долари и бележи намалување од 25,18 отсто споредено со истиот период од 2014 година.

Грција е четврти трговски партнер на Македонија за 2015 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...