Директорот на Националниот парк „Галичица“, Васко Паскали и извршниот директор на Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ), Миријам де Конинг, потпишаа Договор за покривање на трошоците за тековното работење на „Галичица“ за 2019 година. Договорот во висина од 147.000 евра ќе се однесува на финансирање на тековното работење на „Галичица“ при управувањето со заштитеното подрачје. Имено станува збор за иновативен пристап во поглед на финансирањето и управувањето со заштитените подрачја.

– Овој договор е од огромно значење за Националниот парк „Галичица“. Потврда дека се движиме по прав пат и нашите позитивни резултати некој да ги вреднува и наградува. Денес, пред сите присутните, изразувам благодарност на ПОНР за нивната флексибилност и одлучност да ни помогнат во патот на трансформација на нашето работење од институција која се финансира преку искористување на природните ресурси во организација која ќе биде финансирана од средства кои потекнуваат од туристички и алтернативни активности, фокусирајќи се на нашата цел заштита на природата – рече Паскали.

Мирјам де Конинг извршниот директор на Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) пак, рече дека ова може да е модел и за сите други национални заштитени подрачја, а потегот ќе овозможи НП „Галичица“ да се фокусира на главната дејност односно на заштита на природните, еколошките и едукативните активности. Фондот финансиски на подолг рок ќе го помага Националниот парк „Галичица“ бидејќи ги препознале промените и активностите на НП Галичица во користењето на природните ресурси на паркот.

Андон Бојаџи од „Галичица“ истакна дека со овој чекор на паркот му се дава можност да врши заштита и управување со заштитеното подрачје на начин на кој тоа се прави во светот. Сега ќе може да се изврши обновување на инфраструктурата кое ќе вклучува планинарска маркација, патокази, столбови.

– Дополнително, а поврзано со туризмот и зголемувањето на безбедноста на посетителите на паркот планирано е креирање на нов веб-страница и апликација за мобилни телефони за посоодветно посетителите да се запознаат со вредностите на паркот, но ќе обезбеди и нивен безбеден престој во планината – рече Бојаџи.

ПОНТ неодамна беше избран како победник на наградата Pathfinder за 2018 година која се доделува за извонредни и инвентивни решенија за заштитените подрачја.