fbpx

Постот дезинформира дека Америка планира да активира нуклеарна бомба во Украина

-

Тврдењето дека Америка планира да активира нуклеарна бомба во Украина и за тоа да ја обвини Русија, не е базирано на никакви докази. Ваквото тврдење е тенденциозно и целосно произволно нафрлено. Пред да се појави оваа дезинформација, Русија ја обвини Украина дека  планира да активира  „валкана бомба“ на својата територија и така да ја ескалира воената состојба. Белата Куќа на 24 октомври годинава, остро ги отфрли обвинувањата на Русија дека Украина се подготвува да активира бомба на својата територија и потоа да ја обвини Москва за истото. Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба изјави дека „руските лаги за валкана бомба се и апсурдни и опасни“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели:

Сатанистичка Америка планира да активира нуклеарна бомба во Украина! И со тоа да ја обвини Русија! Сатанистите брзаат, немаат повеќе време! Господ нека му е на помош на човештвото.

Тврдењето дека Америка планира да активира нуклеарна бомба во Украина не е базирано на никаков, а камоли цврст доказ или индиција. Пред да се појави оваа дезинформација, Русија ја обвини Украина дека планира да активира  „валкана бомба“ на својата територија и така да ја ескалира воената состојба во Украина. Белата Куќа на 24 октомври годинава, остро ги отфрли обвинувањата на Русија дека Украина се подготвува да активира бомба на својата територија и потоа да ја обвини Москва за истото.
Портпаролот на Националниот совет за безбедност во писмено соопштение ги нарече овие руски обвинувања лажни и ја обвини Москва дека го лиферува ова тврдење за да постави темели за својата сопствена ескалација на војната.
Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу рече дека е можно Украина да искористи „валкана бомба“ во телефонски повици со неколку министри за одбрана од Западот, вклучително и во разговор со Лојд Остин, министер за одбрана на САД. На ова претседателот на Украина, Володимир Зеленски реагираше дека Шојгу ги користи овие телефонски разговори за да прошири спин приказни за таканаречената „валкана нуклеарна бомба“.
„Кога денеска рускиот Министер за одбрана организира телефонски карузел и им се јавува на странските министри со приказни за таканаречената валкана нуклеарна бомба, на сите сè им е јасно. Разбираат кој е изворот на сè валкано коешто може да се замисли во оваа војна. Каде и Русија да донесе смрт и деградација, ние го враќаме нормалниот живот. Ова е за Украинците. Каде што е Украина животот никогаш не е уништен. Но, каде и да дојде Русија, позади себе остава масовни гробници, мачилишта, уништени градови и села, минирана земја, уништена инфраструктура и национални катастрофи. И има само еден субјект кој може да искористи нуклеарно оружје во нашиот дел на Европа и овој субјект е тој што му нареди на другарот Шојгу да се јавува. Верувам дека сега светот треба да реагира на најжесток можен начин. Ако Русија подготвила уште еден ескалирачки чекор, мора сега да види и тоа пред некоја нова валканица дека светот нема да го проголта тоа“, изјави меѓу другото Зеленски.

Остин и Шојгу во неделата, по пет месеци, имаа триесетминутен разговор.

Остин му се јавил на Шојгу во петокот и ја потенцирал важноста од тоа да се имаат отворени линии на комуникација, пишува Ен Би Си.

Портпаролот на Националниот совет за безбедност, Адриен Ватсон ги отфрли тврдењата од Москва.

Ги отфрламе извештаите на министерот Шојгу како лажни. Лажно тврдење е дека Украина се подготвува да искористи „валкана бомба“ на својата сопствена територија. Светот ќе го увиди секој обид да се искористат овие наводи како предтекст за ескалација,изјавија од Националниот совет за безбедност.

Ал Џезеира во својот извештај посочува дека Русија не нуди ниеден доказ за своите тврдења. Валканата бомба е направа којашто користи експлозив за да расфрла радиоактивен материјал. Таа го нема катастрофалниот ефект на нуклеарна експлозија, но може да изложи големи површини со радиоактивна контаминација.

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба изјави дека „руските лаги за валкана бомба се и апсурдни и опасни“. Тој рече дека Украина е посветена на исполнување на обврските за неширење нуклеарно оружје и дека Русите честопати ги обвинуваат другите за она кое што самите го планираат.

Во врска со тврдењето дека Америка планира да активира нуклеарна бомба во Украина и за тоа да ја обвини Русија, за ова тврдење нема никаква индиција, ниту пак, основ за изнесеното. Ваквото тврдење е тенденциозно и целосно произволно нафрлено.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...