fbpx

Постигнат договор за минималната плата од март да порасне на 18.000 денари

-

Владата постигна договор со работодавачите и синдикатите, а опозицијата потврди дека ќе го поддржи договореното. Од март минималната плата во земјава ќе изнесува 18.000 денари, при што владините проценки се дека 80.000 граѓани што работат за минималец ќе добијат покачување на платите.

„Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година, стануваме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата. Очекуваме оваа мерка да влијае позитивно и на останатите плати во сите други индустрии, со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска ја поздрави одлуката за зголемување на минималната плата, но и рече дека дополнително ќе излезат со став во однос на реперкусиите на минималната плата врз работењето на компаниите и процесите на продуктивно работење.

„Добивката денеска не е само минимална плата, туку и зголемување на сите останати плати согласно колективните договори и законите“, изјави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ излегоа со реакција, во која велат дека ќе го поддржат зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, но и дека ќе поднесат амандман на Законот за минимална плата во Собранието на РСМ, во кој што ќе побара и останатите плати во јавниот сектор да растат согласно растот на минималната плата усогласен со коефициентот на сложеност на работната сила.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.