Камен-темелник за нова административна зграда на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор е поставен денеска, во непосредна близина на Министерството за надворешни работи.
Вкупната инвестиција во објектот, што ќе се протега на градежна парцела од 1.547 квадратни метри, изнесува 520 милиони денари. Ќе се гради објект на шест ката, со 6.400 квадратни метри административен простор и девет деловни простории од 408 квадратни метри.
Изградбата треба да заврши кон крајот на 2017 година, со што 180 вработени во Акционерското друштво ќе добијат нови простории за работа, наместо постоечките бараки на улицата Орце Николов, изградени по земјотресот.
– Со оваа инвестиција креираме интегрален простор во кој на едно место ќе бидат сместени сите служби на претпријатието, што значително ќе влијае врз продуктивноста и квалитетот на услугата што се дава на граѓаните – рече на свеченоста премиерот Никола Груевски, истакнувајќи дека почетокот на градежните активности е во пресрет на Денот на независноста – 8 Септември.