Последниот училиштен ден за основците од Сарај заврши исполнет со љубов и емпатија кон животните и луѓето [Галерија]

Фото: Хепи Шелтер
Основците од скопската Општина Сарај последниот училиштен ден го поминаа на несекојдневен начин. Околу 20 ученици од Долно Свиларе наместо вообичаените прослави за успешниот крај на учебната година имаа забавен ден исполнет со дружба и игра близу скопскиот аквадукт во прифатилиштето за бездомни кучиња Хепи Шелтер.

Во организација на Здружението на граѓани Нексус граѓански концепт и во соработка со одделението за образование, култура, спорт и млади од Општина Сарај и Хепи Шелтер, основците учеа како преку емпатија кон уличните кучиња ќе имаат емпатија и попозитивни ставови кон луѓето и своите врсници.

„Многу од децата беа зачудени дека вакво прифатилиште воопшто постои. Кога ги гледаа фотографиите во каква состојба биле згрижени кучиња и колку се излечени што дури веќе не се ни препознава дека се истите, учениците беа воодушевени и со неизмерна радост и љубов играа со нив. Многу од нив споделија и нивни искуства за грижата за бездомните животни. Ни кажаа, дека и тие се обидуваат да помогнат кога некој ги клоца и малтретира и дека често собираат храна за да им дадат. Но, за жал кажаа дека има и возрасни соседи кои ги спречуваат во ваквите хумани намери“, изјави Афродита Муслиу од Нексус граѓански концепт за Мета.

Многу од учениците, како што кажаа организаторите, изразиле желба повторно да дојдат и да се грижат за спасените кучиња.

Според Муслиу со ваквите акции преку развивање на емпатијата кон животните се  намалува и на насилството врз врсниците во училиштата.

„Преку грижата за животните, децата стекнуваат самодоверба и стануваат одговорни личности во општеството. Генерално, кај децата се подобрува менталната и психосоцијалната состојба, а тоа ги прави поотпорни кон одредени негативни влијанија “ рече Муслиу.

Од Хепи Шелтер изразија надеж дека во иднина ќе се организираат се повеќе вакви училишни посети преку кои секое дете ќе може да се едуцира уште од најрана возраст за потребата од грижа и правилно однесување со бездомните животни.
„Се надеваме дека зачестувањето на ваквите посети ќе придонесе кон подигнување на свеста кај сите граѓани за совесно третирање на бездомните животни, како и кон зголемување на интересот за вдомување кај нашите граѓани што би претставувало огромен чекор напред кон решавање на проблемот со бездомните животни во нашата држава“, нагласија од Хепи Шелтер.

Денешниот едукативен ден за децата од Сарај е дел од проектот „Патот кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“, спроведуван од конзорциумот на организации Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС, Нексус граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива – ИЕП, Хоризонт Цивитас, и ПЛЕИАДЕС организација. Проектот e со поддршка од Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедницата (Global Community Engagement and Resilience Fund – GCERF).