„Пошта“ предупредува на измама во која се злоупотребува нејзиното име

Фото: Снимка на екран

АД „Пошта на Северна Македонија“ предупреди дека на социјалните мрежи се шири дезинформација за достава на поштенски пратки и износ кој корисникот треба да го плати за да ја подигне својта пратка.

Истата измама е многу пораспространета во вид на имејл-фишинг, односно со лага наведување на корисникот да кликне на линк испратен во имејл и да сподели лични информации и број на картичка.

Фото: Снимка на екран

Во е-писмото што деновиве го добиваат корисници од земјава, се наведува дека некој пакет не можел да биде испорачан поради тоа што не е платена царина за пратката, и треба кликне на линкот, за да се „плати царината“.

Но примачот на вакво е-писмо не смее тоа да го направи, оти во случајот станува збор за измама со крадење пари, односно кога ќе се кликне на линкот се отвора наводна страница за „плаќање со картичка“, но тоа не е легитимна страница, туку страница создадена од фишинг-измамници со цел да украдат заедно и број на платежа картичка и кодот за онлајн плаќање со неа.

„АД „Пошта на Северна Македонија“ не стои зад овие објави, а секое неовластено претставување во име на Пошта на Северна Македонија претставува класична злоупотреба и е предмет за кривична и друга законска одговорност. Единствено и официјално известување за достава на вашите пратки го вршат нашите пошторазнесувачи“, порачува Пошта.