Посетителите на ЗОО Скопје ќе даваат предлози за имиња на трите женски лавчиња

фото: ЗОО Скопје

Посетителите на скопската Зоолошка градина од денеска ќе можат да даваат предлози за избор на имиња на трите женски лавчиња што се родија пред три месеци.

Како што информираа од ЗОО Скопје, граѓаните предлозите ќе може да ги ставаат во пластичните кутии кои се поставени на влезот на Зоолошката градина. Предлози ќе можат да се пишуваат и во коментар на објавата на Фејсбук страницата на Зоолошката градина, како и на објавата на Фејсбук страницата на Град Скопје.

Анкетата за именување на малите лавчиња ќе трае една недела, а во текот на следната недела одбраните имиња ќе бидат и јавно објавени.

Од скопската Зоолошка градина известија дека лавчињата напредуваат одлично под будното око на вработените во Зоолошката градина.

„Лавчињата ја примија првата вакцина како превентивна мерка во ветеринарната заштита на здравјето на животните. А од денеска ќе бидат пуштени во надворешното живеалиште и посетителите за првпат ќе имаат можност да ги видат одблизу“, информираа од ЗОО Скопје.

По повеќе од 20 години во ЗОО – Скопје се родија три лавчиња [Фото]