fbpx

Посетата на Фон дер Лајен и Вархеји не значи напредок во евро-интеграциите

-

По претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Скопје пристигнува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како дел од нивната балканска турнеја. Иако престојот на двајцата политичари од врвот на ЕУ во земјава може да се чини како напредок во евро-интеграциите, тоа не е така. За воља на вистината, Дер Лајен вчера спомена дека целта е до крај на годината да се одржи првата меѓувладина конференција, што е официјален старт на преговорите, но прашање е дали е тоа возможно.

Комесарот за проширување Вархеји минатата седмица беше во Бугарија каде што разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ. Всушност, барем навидум, бугарската блокада во моментов е единствената пречка за почеток на преговорите.

Инаку, Урсула фон дер Лајен и премиерот Зоран Заев, вчера прес-конференцијата ја одржаа пред Младинскиот културен центар во Скопје, кој е реновиран со средства од Европската унија.

Како што соопшти Владата, тие ја разгледале изложбата за придобивките од Младинската гаранција, проект кој во Северна Македонија се спроведува како единствена земја надвор од ЕУ и со кој се опфатени 60.000 млади лица со цел да се намали невработеноста кај оваа популација.

Владата се пофали и дека претседателката на ЕК најавила испорака на 2,6 милиони евра од вкупно 15 за буџетска поддршка „за политиките за младинско образование и вработување“.

И покрај јасната симболика во односот кон младите, премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата посочи дека земјата останува посветена на евроинтеграциите, но, како што рече, прашањето за идентитетот не може да биде предмет на преговори.

„Ние ги направивме сите потребни чекори и реформи и ќе ги направиме и дополнителните прифатливи за деблокирање на проширувањето на ЕУ“, рече премиерот Заев додавајќи дека се надева оти и земјите членки на ЕУ ќе ја реализираат декларацијата од Брдо-Крањ на словенечкото претседателство и дека остануваат на заложбата за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Но, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска јавно кажа дека не е голем оптимист во однос на ваквата надеж.

Османи за Утрински брифинг посочи дека во подготовките на телата на ЕУ за заедничката декларација која треба да се усвои на Самитот во Брдо се појавила дилемата дали овој самит е воопшто за проширување и дали зборот „проширување“ треба да стои во тој документ.

„Некои го интерпретираат како продолжување на евроскептицизмот на одредени држави, што не е ништо ново, други го интерперетираат повеќе во дефинирање на конкретниот самит, дали е самит на проширување или е самит во кој само се покажува фокусот на ЕУ кон Западниот Балкан“, рече Османи.

Тој додаде дека која варијанта и да е во прашање, пораката не е добра, во смисла на едногласноста на ЕУ во односот на Западен Балкан.

„Но, тоа не е ништо ново. Има земји членки кои сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може уште 6 нови земји членки да дојдат да се зачленуваат, да се закануваат со нивните права на вета, со нивните комесари“, објаснува министерот Османи.

Претседателката на ЕК вчера декларативно рече дека целосно го поддржува формалното отворање на преговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија.

„Не губете ја вербата, сте постигнале голем напредок досега. Иднината на Северна Македонија е во Европската унија“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ работи и со Бугарија и со Северна Македонија со цел „да ја надминеме оваа последна пречка“.

Понатаму претседателката додаде дека за да се случи тоа има многу работа. Таа смета дека се потребни многу разговори, „затоа што има многу теми коишто можат да се решат со добар дијалог, со инвестирање на добри идеи за тоа како да се решат проблемите“.

„Севкупната цел е да се започне со пристапниот процес којшто веќе не треба да биде попречуван и затоа кажав дека нашата цел е до крај на годината да започнеме со првата меѓувладина конференција“, рече дер Лајен.

Во меѓувреме, бугарските власти, поточно бугарското Министерство за внатрешни работи, врачило протестна нота до македонскиот в.д. амбасадор во Софија, која се однесува на споменик во црка во село Клепач, Македонија.

Имено, како што јавуваат тамошните медиуми, бугарската дипломатска мисија во Македонија „открила оти во дворот на црквата во село Клепач, прилепско, заменет е споменикот во чест на војводата Велко Скочивирчето и осум негови генерали кои загинале во битка со османлиските трупи во 1904 година“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...