По повод големиот христијански празник „Воскресение Христово – Велигден“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на одредени улици во главниот град. Промените ќе се спроведат денеска, 19 април 2025 година, почнувајќи од 18:00 часот и ќе траат до завршување на настаните поврзани со празникот.
Во централното градско подрачје, по потреба ќе бидат затворени:
- булевар „Партизански Одреди“ (од ул. „Франклин Рузвелт“ до бул. „ВМРО“),
- булевар „Св. Климент Охридски“ (од бул. „Илинден“ до ул. „Димитрие Чуповски“),
- улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“ (од ул. „9-ти Мај“ до кружната крстосница со ул. „Св. Кирил и Методиј“).
Промени ќе има и во автобускиот сообраќај: автобусите кои минуваат преку мостот „Гоце Делчев“ ќе бидат пренасочени преку бул. „Илинден“ и ул. „Франклин Рузвелт“, додека оние што транзитираат низ центарот ќе го користат коридорот „М.Т. Гологанов“ – „Франклин Рузвелт“ – „Партизански Одреди“. Истата траса ќе важи и во спротивна насока.
Во Ѓорче Петров, по потреба ќе биде затворена ул. „Македонска Војска“ пред црквата „Св. Петар и Павле“, а во Аеродром – локалниот пат кон с. Лисиче.
МВР информира дека по потреба може да бидат затворени и други улици околу верските објекти и апелира до граѓаните да ги следат упатствата на полициските службеници и да покажат разбирање за промените.