Поради верскиот празник Водици, в четврток во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим за сообраќајниците во централното градско подрачје, како и во општините Карпош и Ѓорче Петров.

Во периодот од 9 часот до завршувањето на манифестацијата по повод Водици, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени улиците Филип Втори до булеварот Гоце Делчев и улица Кеј 13 Ноември до булеварот Кочо Рацин.

Во општина Ѓорче Петров, од 10 часот за сообраќај ќе биде затворена сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“ десно по улицата Ѓорче Петров, па лево по улицата Васил Чакаларов. Во Карпош, пак, за сообраќај во истиот период ќе бидат затворени улиците Демир Трајко и Александар Циборовски од црквата „Свети Пантелејмон“ до Железничкиот мост на реката Вардар.