Портретот на Мерлин Монро од Ворхол се продаде за 195 милиони долари

Фото: Wikimedia Commons

Едно од најпознатите дела на големиот и водечки поп-арт уметник, Енди Ворхол, портретот на холивудската актерка Мерлин Монро, вчера во Њујорк се продаде за рекордни 195 милиони американски долари за помалку од четири минути откако беше ставено на аукција, пишува лондонскиот весник Гардијан.

Портретот е печатен на свилен екран во 1964 година, две години по смртта на Монро. Истиот е насловен „Shot Sage Blue Marilyn“ и во моментов претставува најскапото парче уметност на 20 век со вредност од 170 милиони долари и плус такси, со што се достигнува вкупна цена од рекордни 195 милиони долари.

Според досегашните информации, купувачот е Лери Гагосијан, американски трговец со уметнички дела и сопственик на ланец од галерии.

„Шот Сејџ Блу Мерлин“ e апсолутниот врв на американскиот поп арт правец. Делото го надминува жанрот на портрет надминувајќи ја и уметноста и културата од 20 век“, изјавил Алекс Ротер, претседателот на одделот за Уметност на 20 и 21 век во аукциската куќа „Кристи“.

Продажбата на „Shot Sage Blue Marilyn“ го сруши и претходниот рекорд на Ворхол за делото „Сребрена сообраќајка“ на две платна, создадено во 1963 година, коешто во 2013 година се продаде за 105,4 милиони долари. Воедно, портретот на една од најубавите актерки на сите времиња постана најскапото уметничко дело од американски уметник што било продадено на аукција.

Претходниот рекорд на најскапо продадено уметничко дело на аукција беше поставен во 2015 година, кога „Les Femmes d’Alger (Version O)“ на Пабло Пикасо, создадено во 1955 година, се продаде за 197,4 милиони долари.