Портрет на поетот и издавач Гојко Божовиќ и промоција на книга од Данило Киш на „ПРО-ЗА Балкан“

Српскиот поет Гојко Божовиќ. Фото: ПРО-ЗА Балкан

Творештвото на поетот и есеист Гојко Божовиќ од Србија ќе биде промовирано вечерва во 20 часот во книжарницата „Буква“ во Скопје. Портретот за Божовиќ го подготви писателот Александар Прокопиев.

Двајцата писатели, исто така, на вечерашниот настан ќе говорат за еден од најголемите писатели во втората половина на 20 век, Данило Киш и ќе го промовираат и македонскиот превод на книгата „Рани јадови“. Овој превод го издаде издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.

Настанот е дел од дополнителната програма на 9. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што официјално беше затворен синоќа.

Гојко Божовиќ (1972) e и литературен критичар, уредник и издавач. Од 1991 година досега издал осум книги поезија и пет книги со есеи. Тој е подготвувач на две антологии со поезија и една антологија на приказни.

Ги има добиено наградите „Душан Матиќ“, „Бране Цветковиќ“, „Ѓура Јакшиќ“, „Бранко Ќопиќ“, „Европа Џовани меѓународна награда за поезија“ (Италија), „Петар Кочиќ“ и „Грачаница Чартер“ за поезија. Ја добил наградата од фондот „Борислав Пекиќ“ за есеј.

Три книги песни од Гојко Божовиќ се издадени на македонски јазик („Елементи“, избрани песни, 2010; „Околни божества: песни и хроники“, 2014, и „Мапа“, 2019), како и книгата есеи „Книжевноста и дните“ (2021)

Тој е основач и одговорен уредник на издавачката куќа „Архипелаг“ (Белград 2007) и Белградскиот фестивал на европската литература (Белград 2012).

Потпретседател е на српскиот ПЕН центар.