Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Најактуелната тема во медиумите во регионот, впрочем исто како и во целиот свет, е секако новиот корона вирус и ширењето на епидемијата, а медиумите се тркаат кој ќе привлече што е можно повеќе читатели на своите содржини на оваа тема, честопати и со манипулативни и заведувачки наслови, односно кликбејт.

Таков случај откри босанскиот сервис за борба против дезинформациите „Raskrinkavanje.ba“ во објави на три портали во БиХ и пошироко.

Текстовите биле со наслов „Прв случај во регионот: За државјанин на Србија има сомнеж дека е заразен со КОРОНАВИРУСОТ“, со што, оценува Raskrinkavanje.ba, се кажува дека случајот е забележан во регионот, во текстовите точно се наведува дека државјанин на Србија е ставен во карантин „во градот Гоа во Индија“, односно сомнителниот пациент воопшто не стасал во регионот.