fbpx

Порталб: Жителите на Липково сите услуги ги вршат во Куманово, но немаат јавен превоз

-

Општина Липково со над 30.000 жители нема општински јавен превоз ниту во нејзини рамки, ниту пак меѓуопштинска линија со градот Куманово. Тоа е неопходно, бидејќи жителите на Липково најголем број услуги вршат во Куманово. Градоначалниците на двете општини велат дека се заинтересирани за отворање линии меѓу овие две општини, но не прецизираат кога тоа може да се случи, пишува Порталб.мк.

Жителите на општина Липково најголемиот број услуги секојдневно ги вршат во општина Куманово, почнувајќи од образование, здравство, администрација, регистрација на возила, разни плаќања преку банки и сл. Сепак, и покрај сé, немаат јавен превоз и се приморани да патуваат со приватни возила или такси за нивните секојдневни потреби во Куманово, а тоа е скапо од финансиски аспект.

„Вработен сум во Куманово и морам да патувам секој ден, некогаш со лична кола, а некогаш со такси, и поради тоа имам големи трошоци“, вели Исмет Алији, жител на општина Липково.

Џеваир Шабани, исто така од општина Липково, вели дека многупати барале јавен превоз, преку граѓански иницијативи, но без успех.

„Недостигот на јавен превоз од нашата општина до Куманово, нам како студенти ни предизвикува многу пречки, при што многу често доцниме, зимно време ги чекаме долго такси возилата кои сообраќаат во рамките на селото, а и трошоците секако се високи. Ќе беше многу добро да го знаеме распоредот за да ги извршуваме нашите должности без одлагање, изјави Шабани.

Порталб.мк ги контактираше двајцата градоначалници за да разговара за тоа каде е проблемот што овие две општини не се поврзани со јавен превоз.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски вели дека не е нивна надлежност да обезбедуваат меѓуопштински линии, за разлика од линиите за јавен превоз во рамки на општината кои се во надлежност на општината, но искажа интерес за соработка.

„Што се однесува на организацијата на линиите на меѓуопштинскиот јавен превоз, според законот тие се во надлежност на ресорното министерство. Општина Куманово има интерес и иницијатива за соработка и воведување меѓуопштински транспортни линии со други општини“, изјави Димитриевски за Порталб.мк.

Еркан Арифи, градоначалникот на Липково вели дека со градоначалникот на Куманово разговарале за јавниот превоз и за создавање меѓуопштински линии, и има взаемна волја, а се прави и детална анализа за положбата на селата и бројот на линии кои ќе мора да се воспостават.

„Анализираме колку линии ќе треба да се пуштат за да ги опфатиме сите села од општина Липково, а како општина ние ја изразивме волјата и ова прашање е веќе покренато, пред да се подготви буџетот на средби со месните заедници од селата со кои разговаравме, и разбираме дека потребата е голема и дека наскоро по завршување на анализата ќе покренеме иницијатива за реализација на издавање на меѓуопштински линии“, изјави Арифи за Порталб.мк.

Џезми Муслиу, раководител на Секторот за урбанизам во општина Липково рече дека во моментов општина Липково нема организиран јавен превоз кој ја поврзува општината со Куманово бидејќи тоа е процедурално прашање, кое ќе мора да помине на двата општински совети како договор за соработка, да се одобри и потоа да помине и на следните филтри.

„Имавме контакти со г-ѓа Лидија, раководителка на секторот за урбанизам во Куманово токму за ова прашање, но беше време на избори и истото беше пролонгирано“, рече Муслиу.

Пуштањето на меѓуопштинската линија меѓу Липково и Куманово ќе придонесе за зачувување на квалитетот на воздухот, бидејќи директно ќе влијае на намалување на бројот на лични возила што ги користат жителите на општината.

Претходно имавме напис дека и општина Куманово, град со над 100.000 жители, 2022 година ја започна без јавен превоз, бидејќи на транспортните компании им беа истечени лиценците за општински превоз. Граѓаните се жалат дека трпат финансиски трошоци бидејќи наместо со автобус, принудени се да патуваат со лично возило или такси, што ги чини повеќекратно. Општина Куманово има вкупно 25 автобуски линии, тие превезуваат патници во градот и некои од околните села.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...