Фото: Фатон Цури, Порталб.мк

Здружението на лицата со посебни потреби „СОС ВИТА“, вчера пред Министерството за култура одржа прес-конференција во знак на револт бидејќи не им се префрлени средствата во износ од 290.000 денари за проект што го добиле во 2020 година. Тие побараа од премиерот Зоран Заев и министерката за култура, Ирена Стефоска да ги префрлат средствата што е можно поскоро, известува Порталб.мк.

„Ова е втор пат како доаѓаме тука за да бараме веќе добиено право, а немаме одговор од никого. Ја прашувам министерката Ирена каква култура покажува кога не ги почитува лицата со посебни потреби. Ние како здружение, аплициравме во 2020, проектот го започнавме, а парите сѐ уште не сме ги добиле, и никој не се грижи околу ова. Лицата со посебни потреби повторно се занемарени“, рече претседателот на Здружението, Ертан Шаќири.

Тој ги повика премиерот и министерката за култура, што побрзо да им ги доделат парите, бидејќи според него станува збор за само еден потпис.

„Апелирам до премиерот Заев да го реши овој проблем во рок од 24 часа. Апелирам до пратениците, министерката, партиските лидери, да се изврши оваа исплата и да не се поигруваат со лицата со посебни потреби. Од 2020 година, денес-утре за само еден потпис, тоа е срамота. Каде и да одите во светот, лицата со попреченост се први, но кај нас партиските лидери и владините претставници спијат“, рече Шаќири.

Сѐ уште не е одблокирана постапката за исплаќање на проектите од културата во РСМ

Пред еден месец, министерката за култура, Ирена Стефоска на прашањето од Порталб.мк, во врска со стопирањето на исплатите за проектите од културата за 2020 година од страна на Владата, рече дека очекува надлежните институции да ја вршат нивната работа.

„Откако надлежните институции ќе ја завршат нивната работа, тоа е многу важно, по нив јас како министерка, но и надлежните институции ќе доставиме информации, и потоа веднаш ќе почнеме со исплаќање на сите проекти за кои има законски основ“, рече Стефовска.

Прекинувањето на исплатите го одобри Владата на почетокот од февруари и го упати Министерството за култура да ангажира финансиска инспекција.

„Владата ја разгледа и усвои информацијата за неплатените општи обврски на Министерството за култура за избраните проекти во Годишните огласи за
финансирање на проектите од национален интерес во културата за 2020 година и го упати Министерството за култура да не ги исплати фондовите за корисниците без да се утврди законскиот основ за тие фондови“, рекоа од Владата на 9 февруари.

Владата го задолжи Министерството за финансии, преку Секторот за финансиска инспекција, да изврши проверка во Министерството за култура, која што се обврза по спроведувањето на финансиските увиди да ја извести Владата. Се работи за проекти од Годишната програма за проекти од јавен интерес во културата, која што беше усвоена во текот на мандатот на претходниот министер за култура Хусни Исмаили.

Ирена Стефовска дојде на министерската функција на 31 август 2020 година.