Фото: Влада на РСМ

Навредливата содржина кон Албанците во учебникот „Географија на Македонија“ ќе биде отстранета оваа година, а постапката е веќе започната, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашањето на Порталб.мк. Тој нагласи дека е свесен оти овој учебник се користи од 2002 година, а таквата содржина излезе на виделина во 2018 година, пишува Порталб.мк.

Во еден ист мандат, премиерот Заев за Порталб.мк вети два пати дека ќе се преземат конкретни чекори за отстранување од употреба на учебникот „Географија на Македонија“, учебник во кој има навредлива содржина кон Албанците и не само кон нив.

Тој истакна дека во реформите што се спроведуваат во моментов, опфатени се и измените кај неколку од учебниците, бидејќи како што истакна Заев, овој учебник не е единствениот со ваква навредлива содржина кон одредена националност.

„Од причина што во планот за предвидените реформи во образованието, опфатена е и промената кај учебниците. Не може, доколку немате подготвено наставни содржини, во било кој предмет, да се отстрани веднаш предметот за да може да се изменат содржините, тие содржини всушност и се менуваат, и еден од важните чекори е да се обезбедат квалитетни книги за основното и средното образование“, рече Заев.

Премиерот вети системско решение за ова прашање, а како што нагласи тој, во рамки на реформите во образовниот систем, ќе има измени и во наставните планови и програми.

„Пропусти се провлекуваат со години низ многу учебници и материјали, а еден од нив е токму тој на кој укажавте во учебникот по Географија за втора година средно – гимназиско. Со реформите, тие ќе бидат целосно отстранети и системски ќе бидат решени, па така, до овој момент тие се укинати и пратени се за исправка или слично, но самиот учебник во делокругот на промената на наставните планови и содржини ќе биде со измени“, рече Заев.

Меѓу другото, Заев за Порталб.мк потврди дека бил информиран дека овој учебник е во употреба од 2002 година до денес, а рече дека „неговата содржина излезе на виделина во 2018 година“. Токму оваа 2018 година, премиерот беше информиран за содржината на овој учебник од страна на Порталб.мк.

Според истражувањето на Порталб.мк, учебникот содржи седум спорни моменти за историјата на Македонија.

  1. На стр. 99 се вели: Албанците биле Македонци но за време на отоманското владеење, станале Албанци. Албанците од Македонија имаат потекло од Черкезите, Ромите и Турците.
  2. Во голем дел од учебникот, вклучувајќи ја и стр. 104, се вели: Албанците во Македонија дошле во различни временски периоди, почнувајќи од 1780 година.
  3. На стр. 104 се вели: Албанците мигрирале во Македонија и физички ги малтретирале, ги ограбувале, ги киднапирале и ги убивале локалните Македонци. Во ова, на Албанците им помагала турската власт.
  4. На стр. 103 Албанија се претставува како окупатор на Западна Македонија.
  5. На стр. 105 Косово не се прикажува како држава со која се граничи Македонија.
  6. На стр. 84 и 85, во делот на дефинирањето на античка Македонија и на денешна Македонија, државата – Македонија фигуративно „се раѓа“ и „умира“ десетина пати, ова претставува пречка за создавање јасна слика за историјата на Македонија.
  7. Грешки постојат и во врска со потеклото на малцинствата, бидејќи таму се опфатени сите дојденци, создавајќи ја идејата дека во Македонија нема автохтон народ.