Во отсуство на јавен превоз во Тетово, во последните десет години во градот функционираат приватни превозници. Иако ја вршат својата активност на црно, тие се многу неопходни за граѓаните од околните села и особено за студентите. Еден од возачите за „Порталб.мк“ изјави дека нема сметка да го регистрира својот бизнис и да плати дополнителни даноци. А пак, за само 30 дена, полициските власти во Тетово казнија 61 од нив, пишува „Порталб.мк“.

Зошто овој вид превоз?

За жителите на селата околу Општина Тетово и особено за студентите единствен спас за да обезбедат транспорт во последните години им беа комбињата, кои во секое време се присутни на секој агол од градот.

Овие возила обично не се безбедни во технички аспект и се многу опасни за ширење на вирусот корона, со оглед на фактот дека се мали и физичкото растојание помеѓу патниците е невозможно. Сепак, тоа е единственото решение за жителите на Тетово.

„Живеам во село не многу близу до Тетово, каде студирам. Не, немаме јавен превоз што би имал фиксни распореди, секое утро се будам и излегувам на улица и чекам да пристигне комбето за да стигнам на време на предавања, има случаи кога доцнам бидејќи распоредот за превоз не е прилагоден на предавања, исто така, зимно време е студено, чекаме надвор, и не само јас, туку има и многу други студенти како јас“, изјави студентот Фисник Џелили пред неколку недели за „Порталб.мк“.

Што велат возачите на овие комбиња?

Возачите на диви комбиња во Тетово се во состојба секојдневно да се соочат со казни од полицијата, но не и да ги регистрираат своите деловни активности. Еден од нив, кој сакаше да остане анонимен, рече дека има десетици казни дома и не планира да го регистрира својот бизнис.

„Многу често сум казнуван, имам многу казни дома, но не ги плаќам и немам намера да го регистрирам мојот бизнис. Државата, која во овој момент нè казнува за тоа што не се регистриравме мора да обезбеди да, кога ќе се регистрираме, да имаме добивка, а не целата добивка да ѝ ја даваме на државата“, рече еден од нив.

Што прави полицијата?

Во меѓувреме, „Порталб.мк“ ја најде бројката на казни што им се изречени на овие возачи, а од Секторот за внатрешни работи (СВР) во Тетово истакнаа дека овие санкции се преземени во соработка со Одделот за економски криминал и против овие возачи, подготвени се соодветни тужби.

Од крајот на минатиот месец (септември – октомври), Секторот за внатрешни работи – Тетово, меѓу другите, презеде засилени контролни активности во јавниот превоз на патници, што вклучува меѓуградски и локални автобуси, комбиња и такси на патници.

Во изминатите триесет дена во тетовско – гостиварскиот регион беа откриени и законски санкционирани вкупно 61 возило (ТЕ-50 и ГВ-11), кои вршеле јавен превоз без соодветните лиценци. Во соработка со Одделот за економски криминал, подготвени се соодветни кривични пријави за сите согласно член 284 А од Кривичниот законик и тие ќе се соочат со предвидените парични и други санкции, нагласи Фатмир Реџепи од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово.

Какво решение понуди Општина Тетово?

Општина Тетово не обезбеди соодветно решение за проблемот со јавниот превоз. Тие продолжуваат да ветуваат дека ќе обезбедат пет автобуси, и тоа уште од 2013 година.

Потсетуваме, минатата недела „Порталб.мк“ го обезбеди документот на Општина Тетово, каде беа определени вкупно 40 постојки за ветените автобуси.

Во меѓувреме, откажана е постапката за јавна набавка на пет автобуси во Општина Тетово, кои веќе 9 години ги ветува градоначалничката Теута Арифи, со оглед дека таа е на крајот на нејзиниот втор мандат.

Ветувањето за јавен превоз во Тетово, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи го даде во првиот мандат во Програмата за локални избори од 2013 година Градиме заедно“,  а истото го повтори и на дебатата организирана од „БИРН Косово“ и „ Порталб.мк“ во октомври 2017 година. Ова ветување на Ариф не е исполнето.

Истото ветување, Арифи го даде на прес конференција 1 ден пред новата 2020 година, и според неа завршена е целата документација за снабдување на Тетово со пет автобуси и дека нивната набавка се очекува да се изврши на крајот на месецот јануари.

„Обезбедивме средства од Светска банка од 72 милиони и пол денари за набавка на пет автобуси за јавното претпријатие, сакам да ве известувам дека вчера Министерството за финансии ни го испрати договорот за потпишување на договорот и започнување на постапките за набавка на автобус . Според ова, како што се одвиваат работите, сметаме дека во јануари можеме да започнеме со набавка на овие пет автобуси“, рече Теута Арифи на 30.12.2019 година.

Од друга страна, Општина Тетово во септември годинава по вторпат го основа јавното сообраќајно претпријатие „Тетово Транспорт“, бидејќи првото не стана функционално и истото престана да работи автоматски поради законски рокови за функционирање, а на последниот состанок на Советот на општината беше изгласан статутот на ова претпријатие.