fbpx

Порталб: Во Тетово реновирана железничката станица после 70 години, но нема кој да патува од неа

-

По неколкудецениско доцнење, Железничката станица во Тетово е целосно обновена и таа доби поинаков изглед, имајќи предвид дека ова беше место каде досега се криеја кучиња скитници, корисници на дрога и пред само неколку месеци беше покриено со прашина. Директорот на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ, Фестим Халили, потенцираше дека овој проект чинел вкупно 7,3 милиони денари и дека сега тетовчани ќе имаат уште еден нов јавен простор за користење, пишува „Порталб.мк“.

„Порталб.мк“ редовно информираше за недостаток на инвестиции во железничките станици во земјава. Повеќето од нив и понатаму работат без греење, празни се без патници, со целосно уништен ентериер и без осветлување.

Инаку, тетовската железничка станица е изградена во 1952 година и оттогаш, била спроведена само една интервенција во 80-тите години на минатиот век, и тоа на покривот на зградата. Директорот на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ рече дека овој проект чинел 7,3 милиони денари и дека истиот може да се користи веднаш од денес.

„Верувам дека со овој проект граѓаните на Тетово ќе добијат уште еден јавен простор каде ќе можат да ги користат парковите на станицата, кои се предвидени да се изградат следната година според одреден проект“, изјави Фестим Халили, директор на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ.

Со реконструктивниот зафат целосно е сменет покривот на станицата, изграден е и решен проблемот со атмосферската канализација, дигитализиран е делот со серверот, односно инсталирани се камери за надзор на објектот и просторот околу него, сменети се вратите и прозорците, интервенирано е во санитариите со изградени санитарни јазли во чекалната за патници, сменети се праговите на дел од железничките колосеци, асфалтиран е паркингот на железничката станица и поставено е јавно осветлување.

Што треба да се стори понатаму?

Темен космос со многу струи, ги нарече проблемите со железничката инфраструктура директорот на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ, Фестим Халили. Еден од најистакнатите проблеми се премините на пругите што претставуваат опасност, и за тоа е потребно да се постават рампи. Тој информираше дека во земјава има околу 300 премини преку пругите и сите се опремени со сигнализација, но за да се зголеми безбедноста, ова претпријатие преку ИПА III фондовите на ЕУ добило средства и наскоро ќе започне со набавка на опрема за поставување на 20 рампи на премините каде има погуст сообраќај.

Инаку, реновираната железничка станица во Тетово е пуштена во употреба и патниците веќе можат да ја користат, но поради пандемијата со корона вирусот во моментот не се поставени клупи во чекалната. Проблем за жителите на Тетово и останатите населени места долж пругата во западниот дел на земјава е и фактот што сообраќа само по еден воз дневно меѓу Скопје и Кичево, иако до пред неколку години сообраќаа по три пара возови дневно меѓу двата града.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар долгометражен филм на фестивал во САД

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на авторот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД. Фестивалот, што се одржа од 10 до...