Порталб: Во две од четирите средни училишта е докажано дека се земале пари за издавање свидетелства

Фото: Порталб.мк

Веста на Порталб.мк во врска со училиштата кои прават „пазар“ со свидетелствата што законски се бесплатни за учениците, денеска официјално беше потврдена од Просветниот инспекторат, по завршувањето на неколкудневната инспекција во четири средни училишта.

Имено, во две од четирите училишта, кои беа предмет на инспекција, беше потврдена продажбата на свидетелства. Сепак, и покрај ова, против училиштата не се преземени конкретни мерки, едноставно им е „предложено“ да им ги вратат парите на учениците, пишува „Порталб.мк“.

Во зависност од училиштето, се менувале и цените за добивање на свидетелствата, кои законски треба да бидат бесплатни. Пред една година, Порталб.мк објави докази за тоа како професорите барале пари од учениците за ова.

Жалбите на учениците за оваа појава не престанаа ниту годинава, затоа, Државниот просветен инспекторат одлучи да спроведе инспекција во четирите обвинети средни училишта.

Кој беше резултатот од инспекцијата?

Средно училиште „Никола Штејн“, Тетово

Од вонредниот преглед во ова училиште, констатирани се неправилности, односно откриено е дека класните раководители годинава собрале финансиски средства за пополнување на свидетелствата. Според Просветниот инспекторат, ова е направено со согласност на родителите бидејќи и тие биле контактирани.

Како резултат, Инспекторатот за образование му предложи на средното училиште „Никола Штејн“ во Тетово, средствата што класните раководители ги собрале за пополнување на свидетелствата да им бидат вратени на учениците.

Средно училиште „Мирче Ацев“, Прилеп

Во ова училиште се констатирани неправилности во работата на овој субјект, и дека, дел од класните раководители од четврта година, собрале по 30 денари за пополнување на свидетелствата.

Затоа, на средното училиште „Мирче Ацев“ во Прилеп им е сугерирано средствата собрани од дел од класните раководители, за пополнување на свидетелствата да им бидат вратени на учениците и за ова да го известат Просветниот инспекторат.

Гимназија „Зеф Луш Марку“, Скопје

Во вонредниот инспекциски надзор во ова училиште не се утврдени неправилности во работењето.

Во разговорот на директорот на училиштето и стручната служба со претседателот на Сојузот на средни училишта во ова училиште, беше наведено дека тој не бил информиран дека се даваат пари за свидетелствата.

Тој исто така изјави дека во неговиот клас и училиште овој феномен не се случува и дека до него не стигнала никаква жалба.

Средно училиште „8 Септември“, Тетово

И во ова училиште не се пронајдени неправилности од страна на Просветниот инспекторат. Директорката на училиштето и нејзините помошници разговарале со претставници на Сојузот на средношколци на ова училиште и било кажано дека тој не бил известен за земање финансиски средства за свидетелствата.

Инаку, минатата година, по веста на Порталб.мк за оваа појава, имаше реакции од Народниот правобранител, но тогаш немаше инспекција од Просветниот инспекторат.