Остри реакции уследија откако Апелациониот суд завчера одлучи да го ослободи од притвор поранешниот началник на тајната полиција Сашо Мијалков, кој со првостепена одлука во два предмети е осуден на вкупно 20 години затвор, а осомничен е и во неколку други случаи.
Ослободувањето на Мијалков од притвор е скандалозно и поради тоа што во февруари годинава Мијалков избега на три дена пред објавувањето на пресудата во случајот „Таргет Тврдина“. Но, по ваквата одлука, веднаш реагираше Обвинителството со поднесување предлог до Кривичниот суд за притвор за друг предмет и на Мијалков, уште пред да излезе од затворот Шутка, му е одреден нов 30-дневен притвор, пишува Порталб.мк, во текстот што го пренесуваме.
Во Апелациониот суд никој не дава одговор за причината за носење на одлуката со која беше ослободено од притвор лице кое е осудено на 20 години затвор. Одлуката предизвика бурни реакции во јавноста и го активира Обвинителството за осудениот Мијалков сепак да го задржи во притвор.
„Малку подоцна ќе се јавам бидејќи сум малку зафатен“, ни одговори судијата Енвер Беџети, кој заедно со судијата Ѓоко Ристовски ја донесе одлуката. Повторно му се јавивме на Беџети, но тој не одговара на телефонските повици.
На нашите телефонски повици не одговори ниту портпаролката Татјана Дуковска, ниту пак претседателката на Апелациониот суд Лидија Димчевска, да ни кажат дали ќе се изврши некаква контрола за да се разгледаат околностите на одлуката, или пак ќе биде поднесено барање до Судскиот совет за да се покрене постапка за разгледување на одговорноста за судиите кои одлучија да ослободат лице со висок ризик за бегство.
За скандалозната одлука на Апелација се одржа расправа во Судскиот совет и им беше наложено на судиите да одлучуваат самостојно и да не постапуваат според политички влијанија.
„Имајќи го предвид јавниот интерес околу одлуката на Кривичниот совет од Апелациониот суд Скопје во врска со притворот на обвинетиот С.М. Судскиот совет известува дека согласно членот 2 од Законот за Судски совет, Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт, додека според членот 11 од Законот за судовите судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз слободна оцена на доказите и дека се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект. Судскиот совет укажува дека судската власт е независна и самостојна, а Советот е орган кој постапува исклучиво според закон и не делува под политички влијанија, а истото се однесува и за работата на судиите. Оттаму, врз основа на надлежностите, сите алатки кои Советот ги има на располагање во оваа фаза, а со оглед дека судскиот предмет е активен, остануваат интерни за Советот. За секоја следна постапка или евентуална одлука Судскиот совет навремено ќе ја извести јавноста“ велат од Судскиот совет.
Од Коалицијата сите за правично судење оценуваат дека судовите треба детално да ја информираат јавноста со аргументи за јавноста да има доверба во судството.
„Имајќи го предвид дискреционото право на судот да донесе одлука, од исклучителна важност е да може јавноста да се запознае со причините поради кои судот ја донел конкретната одлука. Поради тоа, особено важно е решенијата за определување на притвор да бидат анонимизирани и јавно објавени исто како и судските пресуди. Кога јавноста ќе може да се запознае со одлуката на судот и образложенијата со детални аргументи, поткрепени со докази, единствено тогаш јавноста ќе може да има доверба дека судот навистина ја донел вистинската одлука“, велат за Порталб.мк од Коалицијата сите за правично судење.
Според истражување спроведено од организацијата Евротинк, објавено на 16 декември годинава за довербата на граѓаните кон институциите, судството доби најниска оценка. Само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во институциите кои треба да делат правдата.
Според Александар Стојановски од Евротинк, довербата на граѓаните во институциите, поточно во судството, може да се подобри доколку се преземат чекори за спроведување на препораките и реформите.
„Можеме да се повикаме на извештаите на Европската комисија, можеме да се повикаме на различни анализи кои ја следат работата на судскиот систем, обвинителствата и судовите. Во главно е јасно кои се чекорите: професионализам, чистење на кадарот во судството. Знаеме дека подмладувањето на кадрите во обвинителството, професионализам на луѓето кои работат во овие сектори, заедно со намалување на партиското и политичкото влијание во работата на оваа посебна гранка, се клучните работи што треба да се случат“, рече Стојковски.