Ѕвездена ноќ на Попова Шапка | Фото: Бобан Симоновски на Unsplash

Неколку компании, меѓу кои од Швајцарија, Италија и Австрија, се заинтересирани за целосната или делумната продажба на Попова Шапка. Во текот на следната година, Владата ќе објави оглас за продажба на овој туристички центар. Од друга страна, граѓаните не се откажуваат од центарот иако нема соодветни услови, па дури иако сезоната на скијање сè уште не е започната, пишува „Порталб.мк“.

Единствен спас на Попова Шапка остана само целосната продажба или јавно-приватно партнерство бидејќи компанијата Елем Турс потфрли во управувањето со овој туристички центар, пишува „Порталб.мк“.

Од Владата посочиле дека постои интерес за купување на овој туристички центар, чија продажба, според портпаролот Душко Арсовски, била планирана пред кризата со Ковид-19.

„Нагласуваме дека интересот за продажба на некои државни компании, како и ресурсите каде што државата е доминантен сопственик, како што е Попова Шапка, беше објавен пред појавата на здравствената и економската криза. За делот на ски-лифтовите, кој е поврзан и со Попова Шапка, интерес за инвестирање пројавија компании од групацијата Вишеград, како и познати компании од Швајцарија, Италија и Австрија“, велат од Владата на Северна Македонија.

Оттаму потенцирале дека испратиле конкретна понуда до Владата на Република Косово за заедничко дејствување во насока на развој на туристичкиот центар Попова Шапка, но досега не добиле одговор.

„Испративме понуда на Владата на Косово да дејствуваме заедно за развој на Попова Шапка, чекаме одговор од таму, физибилити студијата и длабинската економска анализа за Попова Шапка и сите други туристички капацитети кои се под управување на Елем Турс, се завршени пред кризата“, соопштија од Владата.

Конкретни чекори кон приватизацијата, следната година

За целосна или делумна приватизација на Попова Шапка се зборува веќе неколку години, сепак сè уште не се преземени конкретни чекори. Портпаролот Арсовски најавува дека во текот на следната година ќе биде објавен огласот за продажба или јавно приватно партнерство на овој туристички центар.

„Подготвени сме да во текот на следната година објавиме јавен повик за целосна приватизација на туристичкиот центар Попова Шапка или за јавно-приватно партнерство. Хотелските капацитети во Попова Шапка, со кои управува Елем Турс, во согласност со физибилити студијата, ќе бидат понудени за директна приватизација“, рече Арсовски.

Дали ќе се приватизира целосно или делумно не е одлучен ниту премиерот Заев.

„Очекуваме да се зголемат перформансите во нивната работа со приливот на приватен капитал, ова може да биде 100 отсто, може да биде јавно – приватно со тоа што државата ќе задржи еден дел, а остатокот да се даде со концесија и слично. Ова се неефикасни ресурси кои се во рацете на државата и мора да бидат ставени во функција“, рече Зоран Заев на 16 ноември.

Дали ви одговара целосна или делумна приватизација на деловните активности во Попова Шапка?

Александар Кузмановски од Здружението на угостители во Северна Македонија го опиша второто како добра идеја и истакна дека време е неискористениот потенцијал на Попова Шапка да биде ставен во функција.

„Сметаме дека е добра идеја. Во основа, секоја идеја што содржи нови можности е добра. Не слушнавме како ќе се продава Попова Шапка, сепак како решение сметаме дека е добро затоа што таму со години не се случува ништо, многу работни места се изгубени. Попова Шапка има потенцијал што заслужува да се искористи“, рече Александар Кузмановски од здружението на угостители во Северна Македонија.

Еден од сопствениците, кои издаваат вили во Попова Шапка во текот на зимската сезона, а го најдовме преку реклама на „Фејсбук“, за „Порталб.мк“ рече дека ја изгубиле вербата во управувањето со овој центар од страна на државата, затоа секој странски инвеститор е добредојден.

„Ја имаме изгубено надежта или довербата дека државата може да инвестира или да стори нешто за доброто на Попова Шапка. Понекогаш е болен фактот дека тоа е како да продаваме нешто наше, сепак многу е подобро некој странец да управува подобро одошто некој наш да го уништи“, рече тој.

„Попова Шапка“ – Заборавена од надлежните, обожавана од граѓаните

И покрај разните тешкотии и немањето услови, никој не може да ги сопре граѓаните да ја посетат Попова Шапка, особено за време на викендот кога колоните за да се стигне до главниот дел на овој туристички центар, достигнуваат и до 4 километри.

Ова се должи на недостаток на паркиралишта, а новинарот  на Порталб.мк беше сведок на тотален хаос за време на минатиот викенд во овој туристички центар, така што желбата на некои граѓани да се релаксираат се претвори во долго и стресно пешачење.

Иако оваа година снегот падна порано на Попова Шапка, според директорот на Попова Шапка Живко Алексовски, во изминатиов период немало доволно снег за почеток на сезоната, односно ставање на ски-лифтовите во функција.

Од ски-центарот Попова Шапка објавија дека утре ќе започне скијачката сезона, при што скијањето првиот ден ќе биде бесплатно.

„Скијачкиот центар е целосно подготвен и екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените“, велат од ски-центарот.

Пандемијата со коронавирусот го отежнува работењето на жичарницата со шест седишта, поради мерката за забрана на групирање и барањето за држење растојание помеѓу луѓето. Затоа, сè уште не е познато дали ќе работи оваа година.

„99 отсто треба да работи, поспецифично е поради Ковид-19, останува да видиме“, рече директорот Алексовски.

Инаку, во Попова Шапка пристигнаа и првите странски туристи кои и покрај нефункционирањето на ски-лифтовите изминативе денови, тие најдоа начини за скијање, и рекоа дека ќе го чекаат почетокот на ски сезоната.