Пред да дојде на чело на Општина Тетово, Биљал Касами вети дека за помалку од шест месеци ќе се изградат околу седум катни гаражи од челична конструкција. Но, тоа досега не се случи. На 4 мај навршија шест месеци откако Касами ја презеде функцијата, а Општина Тетово неодамна, поточно на 15 април објави јавен оглас за изградба на затворени паркиралишта. Касами вели дека не се работи за изградба на нови паркинзи. туку за реконструкција на постоечки паркинзи и дека погрешниот назив на објавата е технички пропуст на општината, пишува Порталб.мк.
„Во Тетово имаме предвидено околу седум паркинзи со челична конструкција кои можат да се изградат за многу краток период, не повеќе од шест месеци, со што капацитетот на сегашните паркинзи ќе се удвои, а во некои случаи и тројно ќе го зголеми. Секако предвидовме и изградба на три катни гаражи со приватно-јавно партнерство. Трајното решение на прашањето со паркирањето возила Буџетот на општина Тетово нема да го чини повеќе од 1 милион евра, при што ќе се изградат седум паркинзи, а на тетовци им гарантирам дека ќе бидат изградени во рок од најмногу шест месеци“, изјави Билал Касами на 14 октомври 2021 година во Дебата Навистина (Debat përnime).
На прашањето на Порталб.мк зошто паркинзите не се изградени, Билал Касами се правда дека за нивна реализација потребни се простори кои општината во моментов ги нема.
„За изградба на катни гаражи од челична конструкција ни треба простор. Ние, како и многу други работи, не замислувавме дека се во ваква состојба, дека општина Тетово има паркинзи, но нема простор во сопственост на општината со урбанистички план за паркинзи, за да можеме да продолжиме со постапката за изградба на катни гаражи. Дури и на локациите што постоеле“, рече Касами.
Додаде дека има и правни и административни проблеми и дека не недостига интерес за работа.
„Општината претходно направи постапка за паркингот позади Арби (во моментов ресторан Гранд), но тој паркинг не е во сопственост на општината. Тој паркинг е сопственост на станбениот блок, и имаше одбивање. Општината ги има спроведено сите постапки, но кога дојде работата за реализација, не можеше да се реализираат бидејќи тој не е просторот не е ваша сопственост за да можете да реализирате паркинг. Тоа се административни и правни проблеми, но не поради нашата незаинтересираност. Доколку најдеме алтернатива, локација каде што можеме да градиме, уште од утре ќе започнеме со градежни процедури“, рече Касами.
Во огласот објавен на 15 април стои дека е за изградба на катни паркинзи, и за истиот понудите се прифаќаат до 12 мај.
Но, всушност се работи за грешка на Општината. На прашањето на Порталб.мк каде ќе се градат овие паркинзи, Касами нагласи дека се работи за технички пропуст на администрацијата и дека не се работи за изградба на паркинзи, туку за реконструкција на простори кои врз основа на условите што ги дозволува урбанистичкиот план треба да бидат паркинзи.
„Вие видовте дека некои зони кои беа узурпирани од одредени поединци, тие столбови се сечат и просторот се ослободува. Односно, не се работи за класична градба, туку се работи за отворање паркинзи, и зонски и затворени“, рече Касами.
А, за тоа дали наскоро ќе имаме изградба на нови паркинзи, Касами одговори:
„Во моментов е потребна физибилити студија при што бараме компанија и процедури, за потоа општинскиот Совет да одлучи за изградбата, дали ќе се оди со јавно – приватно партнерство или општината ќе најде средства да ги изгради нив.”
Каков е планот на Општината за оваа година за паркинзите?
Според планот објавен на 11 јануари, Општина Тетово планира до крајот на годинава да го зголеми бројот на паркинг места, преку зонски паркинзи, затворени паркинзи и катни гаражи.
Планираниот број на зонски паркинзи е 410, затворени 790 и во катните гаражи 1.890.
До крајот на годинава се очекува да бидат отворени вкупно 3.730 нови паркинг места.
Според планот на Општината, сето ова ќе се реализира во пет фази, првата јануари-март, втората април-јуни, третата јули-септември, четвртата октомври-декември и петтата декември-јануари. Целосниот план може да го најдете тука.
Сепак, се доцни уште од првата фаза и иако беа ветени дополнителни 425 паркинг места за периодот од јануари до март годинава, Општина Тетово не успеа да реализира ниту половина од тие места. Според планот, беа предвидени дополнителни 195 зонски паркинзи и 230 затворени, но додадени се само 72 зонски паркинг места и тоа на површини кои веќе беа паркинзи, но бесплатно.
Што се однесува до катните гаражи, Касами на 11 јануари годинава изјави дека „ја разгледуваат можноста да ги изградат со приватно-јавно партнерство“.
Касами пред да дојде на чело на општината ветуваше бесплатен паркинг сé додека не најде паркинг за секоја кола во Тетово, но тоа траеше многу кратко, само две недели.
Што се вели во изборната програма на Касами за новите паркинзи?
Во изборната програма со која Касами се кандидираше на локалните избори и ја доби довербата од граѓаните, во делот на урбанизмот се ветува изградба на паркинзи во централното подрачје, најмалку два катни гаражи и во други области со мониторинг систем.
Планот за катните гаражи на минатата година пропадна
На крајот од мандатот на поранешната градоначалничка Теута Арифи, беше преземена иницијатива за катни гаражи. Но, тоа пропадна бидејќи жителите, во населбата каде се очекуваше изградбата на оваа катна гаража, односно зад ресторанот Тиволи, се спротивставија. Причина поради која не започнаа градежните работи за оваа гаража беа двете петиции на жителите од населбата.
Според жителите, иако се очекуваше овој паркинг да биде изграден во нивниот двор, никој од општинските власти не ги известил однапред бидејќи постапката течела нетранспарентно. Според нив, имало прекршувања на некои членови од законот за градење како и законот за животна средина.
Жалбата на жителите упатена до надлежните институции.
Да потсетиме дека фирмата што го доби тендерот за изградба на оваа катна гаража беше „Еуровиа“, а се очекуваше да има 180 паркинг места.
Исто така, многу полемики од граѓаните имаше и околу вредноста на проектот, при што оваа гаража од еден кат ги чинеше даночните обврзници во Тетово вкупно 820.000 евра, што значи дека за едно паркинг место се платени 4.555 евра.
Местото каде се очекуваше да се изгради катната гаража
Претпријатието „Градски паркинг“ има долг од над 187 илјади евра според последните податоци што градоначалникот Билал Касами ги сподели со јавноста. Иако ова претпријатие остварува приходи од исплати на граѓаните, во изминатиот период постојано работеше со загуба. Во моментов со претпријатието раководи Игор Додевски.