Извор: Порталб.мк

„Една поговорка вели, Призрен и Тетово биле еден град горе на небото, но кога паднале на земја, Шар планина ги разделила на два дела и сега ние треба да ги поврземе“ изјавил сега веќе премиерот на Косово, Албин Курти за време на изборната кампања во февруари годинава, кој истакна дека ќе започнат подготовките за проектот за поврзување на Призрен со Тетово преку тунел, пишува Порталб.мк.

Сепак, поминаа три месеци од формирањето на новата косовска влада и скоро една година од новата Влада на С.Македонија, но сè уште нема утврден рок кога ќе може да се патува по патот Тетово – Призрен, кој се најавува со години.

Нема детали за времето кога може да започне изградбата на овој пат од големо економско значење, кога би се завршил или колку би чинел.

Од македонската влада за Порталб.мк најавуваат дека детали ќе има откако ќе се изготви идејниот план, а годинава се очекува да биде избран економскиот оператор што ќе го изготви идејниот план.

Во владината и годишната програма на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), но и во Планот за јавни набавки на ЈПДП, е предвидено годинава да биде избран економскиот оператор за изготвување на идејното решение за изградба на патот Тетово – Призрен. Инаку, во врска со овој проект, ЈПДП има физибилити студија изготвена во 2013 година.

„Сакаме да информираме дека досега со Република Косово немаме дефинирано заедничка гранична точка за идната траса, што е момент за кој мора да се договорат двете земји. ЈПДП е во контакт со Владата на Косово, која е известена за постоењето на физибилити студијата и очекуваме усогласување на позициите и потпишување на следниот можен документ за соработка“, велат за Порталб.мк од Владата на Северна Македонија.

Порталб.мк неколку пати се обиде да контактира со Владата на Косово и Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, преку нивните јавни електронски пошти, но не добивме одговор.

На 25 мај 2021 година, министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу ја прими на средба амбасадорката на Северна Македонија во Косово, Шпреса Јусуфи, како и директорот на јавното претпријатие „Државни патишта“, Ејуп Рустеми, на која се разговарало за создавање на заеднички договори меѓу двете влади од областа на инфраструктурата, особено за заедничката инвестиција во изградбата на автопатот Призрен – Тетово.

„Важните инфраструктурни врски меѓу нашите две држави, односно автопатот Призрен – Тетово и автопатот Скопје – Блаце, покрај значително скратување на патот меѓу нашите градови, ги зголемуваат економските можности за нив и создаваат голем туристички потенцијал за двете земји. На крајот, се согласивме да ги интензивираме состаноците за да ја постигнеме заедничката цел што ја имаме“, напиша Алиу.

Градоначалникот на Призрен вели дека има информации за постоењето на некои идејни проекти за патот Призрен – Тетово, но нема информации за трошоците.

„Проектот за патот Призрен-Тетово е еден од нашите приоритети уште од почетокот на мандатот, при што и на последните избори побаравме ова да биде во владината програма на Движењето Самоопределување. А, ние сме многу задоволни што овој проект е веќе дел од владината програма. Во врска со проектот пат Призрен – Тетово, имам информации дека има некои идејни проекти, но немам информации за трошоците. Ова е многу важен проект за нашата земја, бидејќи овозможува поврзување на Косово со Тетово, Гостивар и Скопје, што ќе резултира со отворање на економски можности за двете земји, а на прво место за Призрен“, вели за Порталб.мк, градоначалникот на Призрен, Митахер Хаскука.

На 17 јуни 2021 година, вицепремиерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Хисен Дурмиши, при посета на општина Призрен изјави дека има напредок во проектот на патот Призрен – Тетово.

„Го информирав градоначалникот за работите на патот Призрен – Превала и напредокот за многу важниот проект на патот Призрен – Тетово. Градоначалникот Хаскука ме информираше и за физибилити студијата што се прави за тунелот со должина од 1,2 км како бајпас од патот кон Превала, во правец на воената касарна што ќе го растовари градот од возилата што доаѓаат од Превала а во иднина и од Тетово. Ова е многу добра вест за нас затоа што ќе се отстрани и тесното грло на влезот на градот Призрен“, пишува Дурмиши.

Рокови и детали во врска со овој проект нема во ниту еден од владините програми на Косово и Северна Македонија. Имено, во владината програма на Косово се вели дека ќе се гради граничниот пат Призрен – Тетово, додека во владината програма на Северна Македонија се вели дека со косовската страна ќе се анализира кое е разумното економско решение.

Исто така, во предизборната програма на ДУИ за парламентарните избори 2016 година, во делот „Транспорт “(страница 3), дадено е ветување за изградба на патот Тетово – Призрен.

Инаку, експертите имаат дадено три варијанти за изградба на патот Тетово – Призрен. Патот веројатно треба да биде околу 60 километри.

„Една од варијантите има подолг тунел од шест километри и 400 метри, една варијанта има тунел од 3 километри и третата варијанта е со тунел долг 1.700 метри. Трите варијанти се разликуваат меѓу себе. Варијантата со најдолг тунел предвидува тунелот да е на 1.500 метри надморска височина и да биде помеѓу двете села Бозовце и Вешала, втората варијанта е 3.200 метри тунел, на надморска височина од 1500 метри исто така предвидена помеѓу две села Бозовце и Вешала. Третата варијанта е со тунел должина од 1.800 метри, исто така, предвидена над селото Вешала, но која е на надморска височина од 1800 метри. Според експертите, најдобрата варијанта со најниска цена е варијантата со тунел во должина од 3.200 метри“, изјави на 17 јануари 2020 година Министерот без ресор одговорен за прашања за локални инвестиции, Исен Џемаили.

Инаку, од Тетово до Призрен денеска се патува 162 километри, додека од Тетово до Тирана треба да се поминат 380 километри, а доколку се изгради овој пат сето ова може да се измине за 190 километри.

Во однос на патот Тетово – Призрен, за ова во „Бомба 38“ објавена во средината на јуни 2015 година, поранешниот –Заменик министер за транспорт и врски на Македонија Тахир Хани од редовите на Демократската унија за интеграција се слушна како бара од лидерот на ДУИ, Али Ахмети да интервенира кај поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој не сакал ни да слушне за изготвување на физибилити студијата, кое беше предизборно ветување на самиот Ахмети.