fbpx

Порталб: Велосипедската лента што ја отстрани општина Тетово е претворена во паркинг

-

Советниците на општина Тетово од три политички субјекти и независната листа не се согласуваат со одлуката на градоначалникот Билал Касами за отстранување на велосипедските патеки, коишто истовремено се единствени од ваков вид во градот. Денеска го посетивме булеварот каде беше оневозможена велосипедската патека со отстранувањето на заштитните столбови и можевме да се увериме дека истата е претворена во паркинг, пишува Порталб.мк.

Единствениот “луксуз” на тетовци во градот со урбанистички хаос се сметаа велосипедските патеки кои беа алтернативно еколошко превозно средство долж булеварот Илинден, но тоа веќе не може да се каже бидејќи овие патеки се блокирани. На велосипедските патеки сега може да се видат само паркирани автомобили. Во овој сообраќаен хаос, велосипедистите барем се чувствуваа безбедно, но отсега повеќе не.

„Не е добро што ги отстранија столбовите, тоа беше единствениот пат по кој можевме да возиме велосипед и каде се чувствувавме безбедно. Иако оваа патека имаше свои пречки, сепак беше подобро решение од движењето на сред пат со велосипед“, изјави граѓанин кој се движеше по булеварот Илинден.

Градоначалникот рече дека имаат одлука на судот со која се бара да се отстранат столбовите на велосипедската патека, и улиците да се вратат во првобитната состојба, за што има тужби против општината и поранешната градоначалничка.

Но, од Основниот суд Тетово за Порталб.мк рекоа дека е поведена прекршочна постапка и дека истата е во тек, значи конечна одлука нема.

За овој случај Порталб.мк разговараше со дел од општинските советници од различни партии, кои рекоа дека не се согласуваат со оваа одлука, бидејќи градот има и посериозни и поголеми проблеми.

Носителот на советничката листа од ДУИ, Блерим Османи за изјавата на Касами дека има судска одлука рече дека органите се тие што ќе проценат дали има основ или не.

„Доколку мене лично ме прашаат, ми изгледа малку избрзана акција, прво треба да се разгледаат сите документи, да се видат одлуките на општината кои се донесени по кој основ, па да се постапи. Верувам дека во ова време имаме поголеми проблеми, гледаме дека во градот има метеж поради паркинзите. Имаме проблеми со отпадот и се надевам дека фокусот треба да биде повеќе на овие проблеми. Знаеме дека проблемот со отпадот е горлив, но сега ако не функционираат надлежните органи како што се јавните претпријатија, тоа ќе ни донесе поголеми последици“, изјави Блерим Османи.

Елмедина Абдулаи, советничка од „Подобро за Тетово“ рече дека отстранувањето на столбовите за велосипедските патеки, иако беше изјавено дека е со цел почитување на законот, не е многу добредојдена одлука бидејќи ако сакаме европски град, велосипедскте патеки не треба да се отстранат никако.

„Напротив, треба да се најде начин тие да бидат пофункционални и се надевам дека Општина Тетово наскоро ќе излезе со друг предлог каде и како може да се заменат. Бараме да се почитува законот и да се ослободи улицата, да се отстранат паркираните автомобили, ако го почитуваме законот и тоа го правиме заради законот, тогаш треба да се расчисти патот и автомобилите што немаат право да се паркираат таму. Еден проблем не се решава со предизвикување повеќе проблеми понатаму“, изјави Елмедина Абдулаи.

Советникот од СДСМ, Илија Димитриевски рече дека без оглед на судската одлука, приоритет на градоначалникот, на почеток на мандатот, не треба да биде отстранување на велосипедските патеки.

„Градот има посериозни проблеми кои бараат фокус на општинската администрација и особено во денешно време, кога знаеме дека Тетово е еден од најзагадените градови на Балканот, овие велосипедски патеки барем ги мотивираат луѓето да изберат алтернативен начин на транспорт“, изјави Илија Димитриевски.

Висар Палоши, советникот од ДПА рече дека негов личен став и став на партијата е дека со ова ќе се создаде уште поголем хаос.

„Не се направи еднаш проект, да се завршат сите патеки во целиот град или да се направи соодветен проект со соодветна ревизија. Туку се отстранија патеките, при што цената ќе ја платат граѓаните, за поставување, па отстранување и повторно за поставување како што напомена градоначалникот дека повторно ќе се постават, значи истата работа ќе се изведе три пати. Другата точка е опасноста што им се заканува на граѓаните кои ќе се движат, сега веќе немаат свој дел да се движат со велосипед или друго превозно средство во тој дел“, изјави Висар Палоши.

Со ова не се согласува претседателот на општинскиот совет, Бесар Дурмиши од Движењето Беса.

Бесар Дурмиши, кој неодамна беше избран за претседател на тетовскиот општински совет, рече дека велосипедските патеки се забрзан чекор на претходното раководство.

„Прво треба да најдеме паркинг места кои треба да се претворат во катни паркинзи, треба да го решиме овој проблем и потоа да преминеме и да направиме велосипедска лента. Информациите што ги добивме од судот се дека тоа е во завршна постапка и доколку не преземеме мерки ќе има финансиски импликации за општина Тетово“. изјави Бесар Дурмиши.

За тоа што доколку поранешната градоначалничка го добие судскиот спор, Дурмиши рече дека „имаше судење, но се знаеше дека е изгубено“.

Од општина Тетово соопштија дека ќе има нов сообраќаен режим, надополнувајќи дека се наоѓаат во период кога ќе ја скенираат ситуацијата и врз основа на тоа ќе бидат преземени дополнителни чекори.

Инаку, кога пред околу седум месеци почна изградбата на велосипедски патеки, имаше многу критики од граѓаните дека ќе го отежнат сообраќајот во Тетово. Станува збор за вкупно 5,5 километри велосипедска патека на улицата „Илинден“, истата е широка 1 метар и чинела 3 милиони денари или околу 50.000 евра. Цената на реализацијата на овој проект од страна на активистите и граѓаните се сметаше за многу висока.

На социјалните мрежи дури кружеа разни фотографии, преку кои се исмеваа велосипедските патеки во Тетово и начинот на кој се направени. Фотографиите беа објавени и во некои албански медиуми и неколку меѓународни страници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

До обвинителството не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите

Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство, [email protected], не пристигна ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, соопшти...