Министерството за здравство (МЗ) ја пушти во употреба веб-страницата на која можат да се пријавуваат граѓаните што сакаат да се вакцинираат, но таа е само на македонски јазик, а не и на албански, известува Порталб.мк.

Од Министерството за здравство рекоа дека се работи на верзијата на албански јазик, но не кажаа кога ќе биде готова.

„Ние вчера ја пуштивме во употреба, вие сакате сè да биде завршено во еден ден. Не може, системот е во подготовка, и да, треба да има и ќе има“, рекоа за Порталб.мк од Министерството за здравство.

Во оваа верзија на веб-страницата, податоците може да се пишуваат само на кирилица но не и на латиница.

Покрај оваа веб-страница, МЗ ја подготвува и другата веб-страница (kovid19vakcinacija.mk/), што ќе биде од информативен карактер. Министерството, и за оваа страница, ветува дека ќе биде и на албански јазик.

За ваквата практика на доцнење на преводот и неажурност, Порталб.мк пишуваше неколку пати, а особено за Министерството за здравство дури и во време на пандемија, кога граѓаните имаат право да се информираат на јазикот што тие го разбираат.

Според истражувањето на Порталб.мк, објавено во ноември 2020, произлезе дека Министерството за здравство, како една од најзначајните институции што известува за мерките и протоколите на сила, во дневните извештаи за пандемијата со ковид-19 не го почитувала Законот за употреба на јазиците, кој утврдува дека службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, е и албанскиот јазик, или како што е официјално наведено, „јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните на РСМ“. Преводот на содржините на албански јазик што се однесуваат на корона вирусот, не се вршел паралелно со македонскиот јазик.

Министерството за здравство, многу ретко ги објавува информациите за вирусот ковид-19 паралелно на двата јазици. Прво тие се објавуваат на македонски, потоа и на албански јазик. Исто така, и квалитетот на преводот има слабости, бидејќи се забележува буквален превод или недоволно прилагоден со синтаксата на албанскиот јазик. Овој проблем не е само во ова министерство, туку во поголемиот дел од државните институции.

Соопштенијата за медиуми, особено дневните извештаи, Министерството за здравство, не ги доставува на албански јазик, за разлика од Владата која повремено „се присетува“ дека треба да го спроведува Законот за јазици.

Веб-страницата на Министерството за здравство има неорганизирано ажурирање на двата јазици. На пример, дневните извештаи таму не се објавуваат редовно, односно некој ден се објавуваат, за други денови не, можеби ден – два со доцнење. Како и да е, доколку ја отворите македонската верзија на страницата и се вратите на страницата на албански, на прв поглед ќе забележите дека недостасуваат содржини или материјали на албански јазик, или дури и кога ги има, не се поставени на потребното место како во македонската верзија.

Последната објава на албанската верзија на веб-страницата на министерството е на 4 јануари.