После неколку сообраќајни несреќи и случки во кои имаше жртви во тетовската индустриска улица, активисти утре ќе протестираат токму на тоа место и ќе побараат од општината Тетово да направи физичка поделба на патот и да изгради надвозници. Другите барања ќе бидат соопштени утре, во текот на протестот, пишува Порталб.мк.
Еден од организаторите на протестот, новинарот Бесиан Лека, во својот профил на фејсбук упати повик до сите граѓани да се приклучат на протестот, бидејќи како што рече, во оваа улица секоја година згаснува по еден живот.
Во соопштението за протест се вели : Во понеделник, 25 јануари 2021, во 13:00 часот ќе се организира протест за решавање на проблемот на пешаците во индустриската улица Тетово. Собирот ќе се одржи кај кружниот тек на крајот од индустриската улица, спроти Хелга. Протестот се организира после многу барања за физичка поделба на улицата и за изградба на надвозници, но за што немаше слух. Во оваа улица секоја година згаснува по еден млад живот! Да не чекаме и други случаи со трагичен крај, туку да го кренеме гласот и да побараме од надлежните органи да преземат соодветни мерки за решавање на проблемот. Нашите конкретни барања ќе ги обелодениме на денот на протестот. Ве повикуваме да учествувате на протестот (почитувајќи ги анти-ковид правилата)“, напиша Бесиан Лека на фејсбук.
Порталб.мк неколку пати пишуваше и предупредуваше за опасноста на овој пат, затоа што голем дел од учениците на основното училиште „Кирил и Методиј“ секој ден се принудени да минуваат низ оваа улица за да стигнат до училиште.
Инаку, последна жртва е 6 годишно девојче, кое беше удрено од автомобил, обидувајќи се да го помине патот. Некои од жителите на населбата веќе неколку години бараат тука да се изгради надвозник, меѓутоа, нивните барања немаа одговор.
Популарно
Порталб: Утре протести во Тетово за фаталните сообраќајки во индустриската улица
-