Порталб: Туристичката сезона започна, отпадоци пливаат во Дебарското езеро (ВИДЕО)

Пластичен отпад во Дебарското езеро; Фото: Дорина Ајдини, Порталб.мк

Лежалките се поставени, дебарчани се подготвуваат за летната сезона. Но, убавиот впечаток на оваа туристичка атракција се расипува од отпадот во дивите депонии близу селата покрај реката Радика. Граѓаните бараат решавање на овој проблем, бидејќи предизвикува еколошка катастрофа на Дебарското езеро, пишува Порталб.мк.

Пластични шишиња и друг отпад може да се видат во Дебарското езеро, додека се очекува туристи да дојдат и да ја посетат оваа туристичка атракција. Општина Дебар пред неколку недели ги повика сите активисти и граѓани да преземат акција за расчистување на овој простор. Езерото беше исчистено за еден ден, но по неколку дена пластичните шишиња повторно испливаа на површината на водата. Граѓаните за Порталб.мк велат дека оваа акција, која се организира само на почетокот на летната сезона, не е излез за решавање на проблемот.

„Ние сопствениците и работниците на објектите околу езерото сами се грижиме за одржување на плажата. Камионите за транспорт на отпадоците што се собираат наоколу ги плаќаме сами. Акцијата со камионите се повторува неколку пати годишно и тоа за нас претставува дополнителен трошок“, вели Арбен Фида, сопственик на ресторан.

Граѓаните велат дека е потребна поголема сериозност од Општина Дебар и од Државниот инспекторат на Министерството за животна средина за ова место да биде под постојан надзор и тоа не само во летната сезона. Неколку пати побарале да се преземе нешто за да се реши овој проблем, но нивното барање, како што велат, секогаш се игнорира.

Проблемот постои веќе подолго време и граѓаните се загрижени за катастрофата што се предизвикува. Од Општина Дебар велат дека овој отпад доаѓа од дивите депонии во селата од Долнореканскиот крај. Со атмосферски врнежи и порастот на водостојот на реката Радика, особено на пролет и почетокот на летото кога се топи снегот, отпадот од овие депонии завршува во Дебарското езеро.

Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука за Порталб.мк нагласува дека имало акција за чистење на отпадот, но треба да се подигне свеста кај луѓето да не фрлаат отпадоци околу реката Радика. Најави дека ќе се постават мрежи за да се спречи навлегувањето на отпадот.

„Проблемот е присутен веќе долги години како резултат на покачувањето на нивото на водата и сиот отпад што се фрла во селата од околината на Дебар и Река завршува на брегот на езерото. Секоја година со Здружението на риболовците организираме еколошка акција за чистење на езерото и работиме на проект кој ќе биде финансиран од Општина Дебар за поставување на неколку мрежи кои ќе го спречат навлегувањето на отпадот во Дебарското езеро. Вакви мрежи ќе се постават во село Косоврасти и ние како општина сме во процес да преземеме нешто во оваа насока. Општина Дебар имаше акција за чистење на отпадот, но мора да посветиме повеќе внимание на подигањето на свеста кај луѓето да не фрлаат отпад околу реката Радика. Ги поддржуваме неколкуте невладини организации од село Косоврасти кои спроведуваат активности за борба против оваа појава“, вели Дука.

За тоа дали мрежите можат да предизвикаат проблем за рибите на реката Радика, вели дека со Здружението на риболовци ќе ангажираат стручни лица од оваа област за да не се оштети растителниот и животинскиот свет на Радика. Исто така, ќе ги разгледаат искуствата на другите држави за начинот како тие постапуваат во вакви случаи.

Загадувањето на езерото е пред сè морално прашање, но носи и кривична одговорност. Развиените земји ефективно ги штитат таквите природни ресурси, но и осмислуваат стратегии како да се развиваат и да станат конкурентни на пазарот на туристички атракции. Локалните власти заедно со околните и централните општини треба да преземат посериозни долгорочни чекори за заштита и развој на овој природен ресурс на координиран начин.