Фото: Порталб.мк

Една од главните активности на кампањата за 2013 година на актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, беше обележување на дупките во Тетово, со што иронизираше со поранешниот градоначалник на оваа општина. Денес, иако сме во осмата година од нејзиниот мандат, камерата на Порталб сними дупки и пукнатини на улиците во седумте главни населби околу центарот на градот, пишува Порталб.мк.

Нерегулирани и оштетени улици, со полно дупки, некои од нив речиси непроодни, е состојбата на споредните улици, а во некои делови, дури и на главните улици на градот Тетово. Новинарот на Порталб.мк ги посети седумте главни населби, со најмногу жители во градот, и во повеќето од нив жителите изјавија дека не паметат кога последен пат Општина Тетово интервенирала за да поправи некоја улица или да ги пополни дупките.

Потсетуваме, еден од приоритетите за време на првиот мандат на градоначалничката на Тетово, беше токму пополнување на дупки и регулирање на патната инфраструктура. И покрај ова, во последните шест месеци од мандатот на градоначалничката Арифи се очекува да започнат работите за пополнување на дупките и асфалтирање на оштетените улици, за која намена издвоени се 7 милиони денари или 113 илјади евра.

„Општина Тетово за годинава издвои 7 милиони денари за ова, ангажирана е компанијата „Еуро Инвест“ со која веќе склучивме договор, но поради ниските температури, работите не започнаа на 15 март како што беше предвидено и ќе започнат на 15 април“ истакнуваат од Општина Тетово.

Инаку, градот Тетово низ годините се соочува со проблемот со дупки во улиците, но општинските власти немаат преземено ништо за решавање на овој проблем. Потсетуваме, во март минатата година, Општина Тетово искористи од кредитот во износ од 70 милиони од Владата на РСМ за поправка на улиците во две населби кои се во очајна состојба, но тие сè уште не се санирани.