fbpx

Порталб: Тетово со денови се мачи за вода, Заев вели хидроцентралите не го нарушиле снабдувањето

-

Премиерот Зоран Заев вчера во Тетово изрази уверување дека малите хидроцентрали не се една од причините поради кои Тетово во последните месеци се соочува со недостиг на вода за пиење. Според него, хидроцентралите веројатно нема да трошат вода. Но, од друга страна, од обелоденувањето на планот за изградба на хидроцентрали во Шар Планина, околу 44 НВО реагираат редовно за опасностите од малите хидроцентрали. Тие го нарушуваат процесот на снабдување на градот со вода на неколку начини, вели Аријанит Џафери. Состојбата со водата во Тетово останува иста, со рестрикции, пишува Порталб.мк.

Зоран Заев вчера присуствуваше на пуштањето во употреба на фотоволтаична централа со капацитет од 1,2 мегавати, при што ги коментираше гласините дека хидроцентралите се можна причина што Тетово денес се соочува со недостиг на вода за пиење.

Според него, водата во хидроцентралите едноставно поминува низ турбината и потоа се враќа таму каде што треба. Заев беше категоричен во тоа дека малите хидроцентрали не го нарушуваат процесот на водоснабдување на градот.

„Верувајте ми, ова не е причината, многу е важно да се кажат вистинските работи и со аргументи. Ниту една мала хидроцентрала не троши вода. Таа си ја врши својата работа. Меѓутоа, доколку жителите не сакаат, владата нема да постапи спротивно нивната волја за мали хидроцентрали. Малите хидроцентрали не штетат повеќе од големите, секако малите хидроцентрали кои ги исполнуваат потребните услови. Водата само се врти во турбината и постојано се враќа таму каде што треба да биде“, рече Заев.

Покрај тоа, Заев додаде дека за секоја хидроцентрала што се гради однапред се добива согласност од околните жители, а според него доколку не се согласат, малите хидроцентрали не се градат.

„Сепак, ако жителите речат не, тоа нема да биде, како што се случи со хидроцентралата во Маврово која беше планирана да се гради на несоодветно место, го слушнавме гласот на граѓаните и истата нема да се изгради“, истакна Заев.

 

Аријанит Џафери: Хидроцентралите во различни форми го оштетуваат процесот на водоснабдување

Аријанит Џафери од Еко герила нагласува дека внесувањето на водата во цевки, за да се зголеми силата на падот и за да се опслужат хидроцентралите, го менува екосистемот и го оштетува биодиверзитетот. Ова според него се прави само за да им служи на хидроцентралите, без никаква друга корист.

„Вистина е дека хидроцентралите не ја прекинуваат водата, но самото внесување на вода во цевките за да се зголеми силата на падот за да им одговара на хидроцентралите е штетно, затоа што го менува екосистемот и го оштетува биодиверзитетот, покрај фактот што реките и потоците внесени во цевките не обезбедуваат вода за дивите животни кои живеат во нашите планини “, вели Аријанит Џафери, еден од основачите на „Еко герила“.

Според него, изјавата на премиерот Заев дека се бара согласност од жителите пред да се изградат мали хидроцентрали е делумно точна, Џафери додаде дека во некои населби со мнозинство Албанци, жителите воопшто не се прашани.

„Втората изјава исто така содржи и вистина и невистина. Вистина е дека во некои населени места со мнозинство Македонци согласност е побарана, додека во некои населени места главно населени со мнозинство Албанци, жителите не се ни прашани. Доволно е да се побара од Министерството за животна средина евиденција за консултациите или јавните расправи што биле одржани за која било хидроцентрала изградена во подножјето на планината Шар, главно во тетовскиот регион, и нивниот одговор ќе биде дека за малите хидроцентрали нема потреба да се организираат јавни расправи (консултации)“, додаде Џафери.

Џафери го повика премиерот Заев да не биде “адвокат на хидроцентралите“, туку да ги заштити граѓаните на Тетово, кои со месеци се без вода. Додаде дека свлечиштето е предизвикано од изградба на хидроцентрала во близина на сливот Лешница, и дека никогаш порано на тоа подрачје немало свлечиште. И не се случило толку долго во пролет Тетово да остане без вода, иако во летниот период се случувало да имаме предизвици со водоснабдувањето“.

 

44 невладини организации бараат закон за спречување на хидроцентралите на Шар Планина

Минатата година, 44 иницијативи и граѓански здруженија повикаа на заштита на Шар планина од изградба на мали хидроцентрали и усогласување на нацрт-законот за прогласување на Шар Планина за национален парк, со соодветни закони, стратегии, програми и според стандарди на Европската унија.

„На 20 ноември заврши рокот за собирање забелешки околу Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Доколку биде одобрен како што е предложен, овој закон ќе овозможи изградба на нови мали хидроцентрали на Шара, во услови кога веќе се чувствува негативното влијание на постојните хидроцентрали врз природните вредности, но и врз животот на локалното население. Доколку се реализира планираното, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали!“, се вели во заедничката реакција на 44 НВО.

 

Продолжува режимот на рестрикции на вода во Тетово

Вода во Тетово првин нема од 13.30 од 16.30 часот, а потоа од 22.30 до 1.30 часот. За ова, комуналното јавно претпријатие бара трпеливост и разбирање од граѓаните.

„Затоа, со цел да се обезбеди оптимално снабдување со вода за сите граѓани во сите делови на градот во текот на месецот Рамазан, ЈКП ТЕТОВО-Тетово ќе започне со планирани рестрикции на вода, според распоредот од 13.30 до 16.30 часот и од 22.30 до 01.30 часот. Затоа, ги молиме граѓаните за трпение и разбирање во наредниот период и ги уверуваме дека многу скоро овој проблем ќе биде надминат“, напишале од ЈКП.

Во меѓувреме, премиерот Заев вчера изјави дека разговарал и со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, од која, како што рече, бил информиран за проблемот со недостиг на вода за пиење. Тој рече дека владата е подготвена да помогне доколку има потреба.

Инаку, од почетокот на оваа година, Тетово се соочува со проблеми со водоснабдувањето поради дефекти на новата водоводна мрежа, која е изградена за надминување на неколкудецениските проблеми со недостигот на вода за пиење. Во меѓувреме, јавното комунално претпријатие потенцира дека водоснабдувањето нема никаква врска со дефектите, туку е поради малото производство на вода од природните извори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...