Буџет во висина од 30 милиони евра предвиде општина Тетово за 2021 година. Истиот беше усвоен на вчерашната седница на советот на општината, без гласовите на советниците на Алијансата за Албанците и Движењето БЕСА. Тие сметаат дека буџетот не е реален поради малата реализација на претходните буџети, иако планирањето отсекогаш било високо, пишува „Порталб.мк“.

По жестока расправа, со 17 гласа „за“, беше усвоен буџетот планиран за 2021 година во општина Тетово. Претседателот на општинскиот совет Беким Мемети истакна дека овој пат буџетот е повеќе насочен кон инфраструктурни проекти.

„Денес помина буџетот на општина Тетово за 2021 година, кој изнесува 30 милиони евра. Со него се предвидени инвестиции во инфраструктурата, како и други делови каде што се вклучени плати, паркинзи итн. Дебатата е отворена, им даваме можност на сите советници да ги искажат своите мислења. Советниците обично имаат поплаки за реализација на буџетот, бидејќи буџетот е обично поголем од неговото спроведување“, рече Беким Мемети, претседател на општинскиот совет во Тетово.

Алијанса за Албанците и Движењето БЕСА: Општина Тетово планира проекти и одвојува пари, но не ги реализира истите!

Советникот на Алијансата за Албанците, Ариф Селами, го смета овој буџет за „буџет на желби“ затоа што според него, големи проекти секогаш се планираат, но истите скоро никогаш не се реализираат.

„Ова не е прв пат, ова е четврти буџет што треба да го одобриме. Како и обично, овој буџет и годинава продолжува да биде буџет за желби, со 4 буџети, некаде над 100 милиони евра, а сите овие останаа во рамките на желбите. Значи, реализацијата на сите претходни години беше од 0 па до 25, 30 отсто “, рече Ариф Селами, објаснувајќи зошто гласал„ воздржано“.

Во меѓувреме, советникот на Движењето БЕСА, Бесар Дурмиши, спомена некои од плановите на општина Тетово во буџетот за 2020 година, кои не се реализирани како што беше планирано. Така, и тој гласаше „воздржано“.

„Она што е евидентно во оваа буџетска прогноза, од претходните прогнози се разликува многу малку, додека реализацијата на буџетот е идентична со претходните години. Ги споменував клучните точки секоја година, а ќе ги спомнам и оваа година“, рече советникот, Бесар Дурмиши.

Дурмиши спомена некои од плановите и (не) реализираните планови на општина Тетово во 2020 година, и тоа:

„Одржување и заштита на локалните патишта, во буџетот на 2020 година се предвидени 20 милиони денари, а реализирани се само 2 милиони 800 илјади денари, односно 12 отсто.

Промоција и развој на туризмот – Планирани 4 милиони 700 илјади денари, 0 реализација.

Отстранување и третман на отпадни води – Планирани 1 милион 600 илјади денари, реализација 0 денари.

Поддршка на локалниот економски развој – планирани во 2020 година е 81 милиони денари, реализација 1 милион денари.

Други општински услуги – планирани 1 милион 800 илјади денари, реализирани 44 илјади денари.

Изградба и реконструкција на локални патишта и улички – планирани 13 милиони денари во 2020 година, реализација слаба.

Изградба на простор за паркирање – реализација од 0 денари, од 2017 година, има планови секоја година, а годинава се планираат 50 милиони денари.

Изградба на системи за водоснабдување – Планирање 1 милион и 500 илјади денари, реализација 0 денари.

Капитални трошоци за паркови и зеленило – 12 милиони денари во 2020 година, реализација 0 денари“, рече Дурмиши.

Мемети: Признаваме дека има застој во реализацијата, пандемијата е виновна

Претседателот на Советот на општината, Беким Мемети, оцени дека нема потфрлување во реализацијата на буџетот од претходните години, но потврди дека има застој. Според него, оваа година главниот предизвик беше пандемијата со коронавирусот.

„Нормално, обврска на општината е да планира, но реализацијата постојано има застој на терен. Оптимисти сме дека овој пат ова нема да се повтори и инвестициите ќе продолжат, граѓаните веќе ги гледаат промените, како што е работата со отворените булевари, зеленилото, автобусите итн. тој рече.

На прашањето дали општина Тетово потфрлила во реализацијата на претходните буџети, Мемети одговара на следниов начин:

„Не би рекол дека нема реализација на прелиминарниот буџет, туку има застој, една од причините е пандемијата, но има и други причини, како што е повторување на огласите со што се пролонгира рокот за реализација на проектите“, додаде Беким Мемети.

Инаку, најголемиот дел од парите во овој буџет ќе бидат наменети за плати и придонеси на вработените во општината, со оглед на фактот дека општина Тетово има голем број вработени, односно повеќе од 400.