Порталб: Студентите се соочуваат со трошоци, а дел од нив немаат соодветен превоз до факултет

Фото: Арбнора Мемети

Превозот, храната и сè друго студентите од Северна Македонија го плаќаат исто како и другите граѓани, односно за нив нема никакви попусти или бенефиции, како во земјите од ЕУ, каде стремиме да се приклучиме. Студентот Фисник Џелили ни ги кажа предизвиците и дневните трошоци за да стигне до факултет, додека Министерството за образование и наука не даде одговор дали планира да воспостави систем на „Студентски картички“, пишува Порталб.мк.

Фисник Џелили е апсолвент на Факултетот за меѓународна комуникација, и тој ни зборуваше за предизвиците со кои се соочува секое утро во обид да стигне до факултет, а поради недостаток на јавен превоз и други попусти потребни за студентите.

Фисник Џелили, студент / Фото: Порталб

„Живеам во село не многу близу до Тетово, каде што студирам. Ние немаме јавен превоз со фиксен возен ред, па затоа секое утро се будам и излегувам на улица каде чекам комбе за да пристигнам на време на предавања. Има случаи кога доцнам бидејќи возниот ред на комбињата не е прилагоден со на оној на предавањата. Дури и во зимно време кога е студено, чекаме надвор, не само јас, туку и многу други студенти“, рече Фисник Џелили, студент.

Од Одри до Тетово цената за превоз со комби е 40 денари, а Фисник ја поминува оваа релација по двапати секој ден, што е вкупно 80 денари, ако се додадат уште 40 денари од Универзитетот до центарот за да се дојде до следното комбе, тоа се вкупно 120 денари, секој ден.

„Исто така, за студентите нема никаков попуст, со оглед на фактот дека јас и моите колеги мораме да патуваме секој ден, плаќаме околу 120 денари дневно, точно е дека превозот до Тетово е 40 денари, сепак станува збор за три дестинации, бидејќи кај Универзитетот нема комбиња, тие се далеку во центарот на градот, а ние немаме време да пешачиме до таму“, истакна Џелили.

Ова како да не беше доволно, во чашата на проблеми и предизвици со кои студентите се соочуваат секој ден поради недостаток на јавен превоз, беше додадена и пандемијата со коронавирусот, што според Џелили, има многу лоши ефекти врз него и неговите колеги на менталното здравје.

Принудени и немајќи друга алтернатива, Џелили и неговите пријатели секој ден се качуваат во комбе каде што е невозможно да се запази физичко растојание, а потоа се враќаат дома, и тука за него започнува нервозата.

Фотографија од комбито со кое студентите патуваат секој ден / Фото: Порталб

„Покрај проблемите што ги истакнав погоре, сега со пандемијата на коронавирусот ни се додаде уште еден, стравот од зараза што, во комбињата со кои патуваме, е многу можна. Во тие превозни средства нема ниту теоретски ниту практични можности да се запази потребната дистанца, и ова ми предизвикува голем стрес, бидејќи на крајот на денот по наставата се враќам дома кај родителите, и стравот да не ги заразам е секогаш присутен“, додаде Џелили.

Освен тоа, цените на производите во Тетово, особено во делот каде се наоѓаат студентските населби, немаат попусти за студентите кои се хранат таму секој ден, и според Џелили „сè е дури и многу скапо, со оглед на тоа што е град со два Универзитети; така еден сок од портокал чини од 80 до 100 денари“.

Во голем дел од земјите членки на Европската унија постои „Студентска картичка“ што се добива од самите универзитети и може да се користи во библиотеки, јавен превоз, ресторани и на секое друго место каде што на студентите им е потребна услуга.

Според „Education in Europe”, Република Словенија им издава студентски картички на сите лица кои студираат во оваа земја, без оглед дали се нејзини државјани или не.

Кои придобивки ги носи „Студентската картичка“?

• Поевтини цени во кафулињата и рестораните, во некои ресторани студентите се хранат и бесплатно;
• Студентските картички може да се користат двапати на ден;
• Цената на јавниот превоз е намалена за 50 отсто или повеќе;
• Попусти во секоја јавна или приватна институција кои се неопходни за студентите.

Иако Порталб.мк прати прашање до Министерството за образование и наука во врска со можноста за поврзување со „Студентската картичка“, оттаму нема одговор, што остава впечаток дека тие немаат таков план. Сепак, од ова министерство ни беше кажано дека јавниот превоз за студентите и за сите граѓани е надлежност на општините, и додаваат дека за сите студенти оваа година ќе се обезбеди бесплатен превоз и сместување.

„Организирањето јавен превоз е обврска на локалните самоуправи. Министерството за
образование и наука информира дека во постапка се законски измени за студентскиот
стандард со кои, во услови на вонредни околности (криза, епидемија, пандемија, пожар и сл.), ќе ги покријат трошоците за превоз или сместување на студентите на јавните универзитети чии барања за сместување во студентски домови и посетување настава со физичко или комбинирано присуство се усвоени, но поради помалиот број кревети во студентските домови не можат да се сместат таму. На овие студенти ќе им се исплаќа месечен износ за покривање на трошоците за приватно сместување или месечен износ за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото каде што студираат“ велат од МОН.

А пак, од Општина Тетово вчера за Порталб.мк изјавија дека пропадна тендерот за набавка на автобуси за јавен превоз во Тетово и е распишан нов, а причина за ова според нив е „неисполнување на условите од понудувачите“, со што набавката на автобуси се одложува за неколку месеци, односно на 27 овој месец ќе се затвори јавната набавка, и притоа ќе треба да биде избран понудувачот на автобус.

Инаку, според Агенцијата за вработување во Северна Македонија, кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот остави 12 илјади луѓе без работа, од кои 3.300 се на возраст под 29 години, што значи дека секое четврто лице кое ја изгубило работата е младо лице.