Порталб: Студентите на ДУТ и оваа година без студентски дом

Студентскиот дом во Тетово. Фото: Фисник Џелили/Порталб, август 2022

Студентите на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) и оваа академска година ја почнаа без студентскиот дом, и покрај големата потреба на студентите од другите градови и регионот што студираат на овој универзитет. Градежните работи на студентскиот дом се завршени, а во постапка е поставување на мебелот. Властите постојано ги пролонгираа крајните рокови за овој студентски дом. Од Министерството за образование и наука (МОН) немаа одговор за тоа кога ќе биде готов овој студентски дом, кој се ветува уште од 2016 година, пишува Порталб.мк.

Немањето студентски дом години наназад е проблем за многу студенти од други градови и држави кои студираат на Тетовскиот универзитет. Според нив, наоѓањето приватно сместување не е едноставно, а цените на становите за изнајмување се многу високи, па трошоците се преголеми за еден студент особено по покачувањето на цените во последно време. Потоа, наоѓањето еден или повеќе колеги за да се живее заедно и да се делат трошоците не е секогаш лесно.

Властите ги прекршуваа роковите за реализација и постојано ветуваа нови рокови за завршување на проектот, но без конечен резултат и до почетокот на новата академска година – 2022/23.

Од Тетовскиот универзитет за Порталб.мк потенцираа дека овој дом е инвестиција на Министерството за образование и наука и дека се управува директно од овој владин ресор.

„Тетовскиот универзитет презеде обврска да го реализира приклучувањето на водоводот и на канализацијата. За изведување на овие работи, нашиот универзитет набрзо ќе ги започне постапките за јавни набавки. Според нашите сознанија, зградата е во финална фаза на поставување на мебелот, но за официјални информации во врска со почетокот на функционирање, односно прием на студенти, Ве молиме да се обратите до МОН, како надлежна институција“, изјавија од Државниот универзитет во Тетово.

Од Министерството за образование и наука не кажуваат кога конкретно овој ќе биде готов овој дом.

„Студентскиот дом во Тетово е целосно изграден, односно завршени се сите градежни активности, останува постапката на поставување на мебелот. Потоа ќе биде на располагање на студентите, за што ќе се распише оглас за сместување“, изјавија од МОН.

Изградбата на студентскиот дом во Тетово е инвестиција со вредност од 166,5 милиони денари, а објектот ќе има 305 кревети. Освен собите за сместување, во овој студентски дом предвидено е да има и компјутерска просторија, читална, просторија каде што студентите ќе може да вежбаат фитнес, менза, итн.

Овој студентски дома беше ветен во 2016 година – на денот кога Владата на Република Македонија го донесе законот за основање на Универзитетот „Мајка Тереза“ – беше најавена и изградбата на овој дом и истата година се распиша и тендерот за негова изградба.

И покрај фактот дека тендерот за изградба беше распишан во септември 2016 година, премногу доцнеше одлуката за отпочнување на работните активности, па таа официјално беше донесена на крајот на март 2018 година и беше предвидено овој објект да биде финализиран во април/мај истата година.

Меѓутоа, и ввој временски рок не се испочитува. Потоа, поранешниот заменик министер на образование, Арафат Шабани изјави дека студентскиот дом треба да се заврши на крајот на 2021 година, но и тоа не беше сторено.

Повторно на почетокот на оваа година, министерот Шаќири изјави дека се очекува студентскиот дом во Тетово да биде готов за овој семестар, кој започна во октомври, но и тоа не е исполнето.