Порталб: Стотици средношколци во Тетово протестираа против онлајн наставата, директорите негираат дека има бојкот

Стотици ученици од сите средни училишта на територијата на Општина Тетово се собраа денес на едно место, не за да го прослават почетокот на учебната година, туку за да протестираат против онлајн учењето, објави порталот на албански јазик, Порталб.мк. Директорите на средните училишта од Тетово велат дека протест скоро и да немало. Тие велат дека бројот на ученици кои ја бојкотирале настава поради протести е 0 или минимален, но камерата на Порталб.мк го покажува спротивното.

Стотици средношколци се собраа пред тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ со плакати на кои пишуваше „Не сакаме настава од далечина“, и бараат од Министерството за образование и наука да ја смени одлуката за одржување на воспитно-образовниот процес, односно за настава со физичко присуство.

Асмир Џелили беше еден од тие кои протестираа, и тој вели дека ќе продолжат со протестите, односно со бојкотот на наставата од далечина сè до моментот кога ќе се слушне нивниот глас бидејќи, како што вели, онлајн наставата не е ефикасна.

„Протестираме против онлајн наставата и сакаме со физичко присуство затоа што само тоа е ефективно, онлајн наставата не може да биде ефективна. Планираме да продолжиме со протестите сè додека не ја постигнеме целта. Ја бојкотираме онлајн наставата, сега во моментот требаше да бидеме во училница, но ние сме тука, што значи дека автоматски ја бојкотираме наставата“, рече Асмир Џелили, ученик.

Што велат раководителите на средните училишта во Тетово?

Миќерем Ризаи, директорка на средното училиште „Гимназија 7 март“ вели дека ниту еден класен раководител не ја известил дека имало организиран бојкот од ученици, сепак, таа ги чека податоците за да види дали бојкотирале учениците.

„Бројот на ученици кои се приклучија на Националната платформа беше помал од вообичаеното, имаше некои дефекти во платформата, но тоа е разбирливо бидејќи се првите денови и ќе има потешкотии, верувам дека техничките проблеми ќе бидат решени. Имаше мал број ученици кои се приклучија, но немам информации од ученици дека тие намерно бојкотирале“, вели Миќерем Ризаи, директорка на „Гимназија 7 март“.

Истовремено, Исан Емини, директор на Средното училиште „Никола Штејн“, вели дека процесот продолжил со мали потешкотии, истакнувајќи дека имало бојкот на учениците во попладневните часови.

„Нашето училиште изведува настава од далечина, процесот го започнавме во 7:30 часот, како и секоја година, дури и кога беше со физичко присутсво во првите денови имавме потешкотии. И денес идентификувавме некои технички проблеми, и во моментов сме во координација за нивно решавање. „Пред пладне немаше ученици кои бојкотираа, но попладне, имаше, не ги коментирам протестите, тоа е право на учениците“, вели директорот Емини.

Мирјета Илјази, директорката на Средното училиште „8 Септември“ истакна дека наставата од далечина се одвивала во ред, а за бојкотот вели дека имало само два-тројца ученици кои ја бојкотирале наставата.

„Образовниот процес се одвива добро, нема поголеми проблеми. Многу е подобро одошто очекувавме, очекувавме помалку реализација на процесот, сите професори се во училниците и сè оди добро. Во врска со протестите, многу малку наставници ми спомнаа дека нивните ученици се на протести, некои напишале дека не се приклучуваат поради икс причини, но што се однесува до протестите, можеби 2-3 ученици“, вели директорката Илјази.

Нема бојкот на наставата далечина, вели директорот на Средното училиште „Моша Пијаде“, и ги истакна проблемите со кои се соочуваат наставниците и учениците, а тоа е недостатокот на потребна опрема.

„Образовниот процес се одвива добро, имаме проблеми со старите компјутери кои не ги задоволуваат потребните перформанси, се обидуваме истите да ги зајакнеме, имаме добар интернет, има некои технички проблеми. Во нашето училиште немаше ученици кои протестираа, имавме ученици кои немаат компјутер или интернет, тоа е сè, нема бојкот“, рече Небојша Трпковски, директор на „Моша Пијаде“.

Инаку, според податоците на Општина Тетово, 3.400 ученици во основните уичилишта од прво до трето одделение ја започнале наставата со физичко присуство. Вкупниот број на ученици во Општина Тетово во основното образование е 9.850, а во средното образование 6.300 ученици.