Порталб: Средновековните услови во „Студентската населба“ во Тетово не се приоритет во мандатите на Арифи

Извор на фотографија: Порталб

„Студентската населба“ во Тетово во моментов се соочува со средновековни услови за живот, иако се наоѓа многу блиску до два универзитети, пишува Порталб.мк. Во оваа населба, патот не е уреден, отпадоци има на секое ќоше, а нема ниту јавно осветлување. Љум Красниќи е дојден од Призрен, Косово, за да студира во Тетово, меѓутоа, условите во оваа населба му го прават животот невозможен. Тој за Порталб.мк вели дека често пати се чувствува загрозен да го напушти станот во текот на ноќта, иако има работи кои треба да ги заврши.

Се работи за една од населбите главно населена со студенти од странство. Оваа населба е запоставена од општинските власти во два последователни мандати на градоначалничката Теута Арифи, и нема најави дека нешто ќе се и во овој мандат, иако Порталб.мк со години пишува за условите со кои се соочуваат секој ден жителите од оваа населба.

Љум Красниќи е студент во прва година во Медицинскиот факултет на Државниот универзитет во Тетово. Тој допатувал од Косово за да студира и да го искуси студентскиот живот, но тоа не му е овозможено поради несоодветните услови во населбата во која тој престојува.

Красниќи во изјава за Порталб.мк нагласи дека состојбата на населбата е многу тешка, и истакна дека е особено тешко кога има врнежи од дожд и снег. Локацијата тогаш станува речиси непроодна и се шири непријатна реа.

„Голем проблем претставува да се помине улицата навака, факултетот ни е 2-3 минути далеку и сме принудени секој ден да поминуваме тука за да стигнеме на факултет и како што може да се види, улицата е речиси непроодна бидејќи не е санирана. Има отпадоци, особено кога врне дожд и снег, тука не може да се помине. Од отпадоците понекогаш и смрди“, вели Љум.

Иако веќе помина една година откако е дојден во Тетово, вели дека ниту еднаш нема видено камион или ангажирано лице од Општина Тетово да помине и да ја исчисти улицата, барем отпадоците, вели Љум и додава дека отпадоците од ден на ден се таложат сè повеќе и повеќе.

„За овој период, откако сум дојден тука, не, немам видено никого, отпадоците цело време се тука, а и постојано се насобираат, не се отстрануваат, а имаме проблем и ноќе да ја преминеме улицава бидејќи страв ни е од кучињата скитници што се вртат наоколу. Тие претставуваат опасност за секого. Често пати и кога имам некоја обврска во текот на ноќта, принуден сум да останам внатре поради кучињата скитници“, рече студентот Љум Красниќи.

За градоначалничката на Тетово во текот на два мандати, оваа населба не била приоритет и планира да го заврши нејзиниот втор мандат без да ја санира улицата. Портпаролот на општината рече дека иако постои план за уредување на населбата, тој нема да се реализира оваа година.

„Планот за таа населба е подготвен, меѓутоа, не верувам дека ќе се реализира годинава“, рече портпаролот на Општина Тетово за Порталб.мк.

Инаку, за истата таа населба, Порталб.мк алармираше уште лани. Од тогаш до денес не е преземена ниту една мерка за регулирање, иако отпадоците во оваа населба сѐ повеќе се таложат, а студентите постојано се жалат, бидејќи повеќето згради што се издаваат се наоѓаат токму таму.