fbpx

Порталб: Социјалните реформи недоволни за децата и лицата со посебни потреби

-

Северна Македонија постигна одреден напредок во социјалните реформи, иако се уште е далеку од очекувањата или стандардите на развиените европски земји. Иако земјата во 2019 година усвои некои нови услуги за лицата со попреченост, сепак тоа не ја намалува дискриминацијата на оваа ранлива категорија граѓани. Она што ЕК го забележа во извештајот за 2021 година е дека оваа категорија граѓани и понатаму се соочува со дискриминација, недостаток на инфраструктура, информации и услуги, пренесува Порталб.мк.

Сепак, Министерството за труд и социјална политика, задолжено за оваа категорија граѓани, на прашањето набројува низа реформи, без да ги спомне оние што уште не се спроведени.

Од министерството за Порталб.мк изјавија дека со социјалната реформа која започна во 2019 година се воведени две целосно нови услуги за лицата со попреченост, лична асистенција и домашна грижа, додавајќи дека правото на попреченост е проширено и на лицата со интелектуална попреченост, а додатокот за надоместок на хонорарна плата за родител кој се грижи за дете со попреченост се зголеми на 50% од просечната нето плата.

Тука е и воведувањето на таканаречениот постојан додаток за родител кој згрижува деца со попреченост до 26 години без да биде сместен во институција, кој е невработен и не користи право на пензија по навршување 62 години за жена, односно 64 години за маж.

Износот утврден за правото на посебен додаток со измените на Законот за заштита на децата, пак, е зголемен од 4.202 денари на 5.021 денари, а дополнително оваа сума е зголемена за 25 отсто и достигнува 6.276 денари за материјално необезбедени семејства и има зголемување од 50 отсто, односно 7.531 денари за самохрани родители со деца со пречки во развојот. Исто така, во втората половина на 2022 година ова право ќе се зголеми уште за 15 отсто.

Развојот на современи политики за лицата со попреченост е евидентен и преку воведувањето на Меѓународната класификација на функционирањето во проценката на децата со попреченост.

„Со новиот начин на проценка се напушта стариот медицински модел на следење на попреченоста, и се заменува со немедицинско следење кој ги проценува можностите и способностите на децата и младите, како потребната поддршка што децата треба да ја добијат за да уживаат еднакви можности како нивните врсници и да можат да го развиваат својот потенцијал. Оваа методологија ги почитува човековите права на секое лице со попреченост и целосно го отсликува социјалниот модел на разбирање на попреченоста“, се вели во одговорот на МТСП.

Од министерството додаваат дека, Владата од оваа година обезбедила средства и ангажирала 500 асистенти во наставата, за кои се обезбедени 216 милиони денари, а кои ги поддржуваат наставниците во работата со ученици со попреченост, додека Министерството за труд и социјална политика направи законски измени со кои старосната граница за користење на услугата за лична асистенција се намалува од 18 години на 6 години. Во моментов се вработени 150 персонални асистенти кои обезбедуваат поддршка за 217 деца/лица со попреченост и 126 лица ангажирани во грижата и услугата домашна нега за вкупно 301 лице.

Нашите прашања до МТСП се и за тоа што се случува со образовната помош за слепите/учениците за пишување со Брајово писмо и банкоматите со технологија за слепи или семафори во градовите со звучни сигнали, кои останаа неодговорени. Сепак, во јуни 2021 година за слепите за прв пат пристигна алатката – аудио читач, која им овозможува поголема независност и непречено функционирање во секојдневниот живот и која е подготвена за употреба.

Извештајот на ЕК оцени дека има мал напредок во подобрувањето на правата на лицата со попреченост, сепак тие и понатаму се дискриминирани.

„Лицата со попреченост и понатаму се соочуваат со значителна, директна и индиректна дискриминација, поради бариерите поврзани со инфраструктурата, недостатокот на информации и услуги, дискриминаторските ставови и социјалната исклученост. Во 2020 година Народниот правобранител пријави 37 претставки за дискриминација на деца и возрасни со попреченост“, се вели во извештајот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...