Порталб: Скејтпаркот во Тетово остана без осветлување

Фото: Порталб/Фисник Џелили

По две години неодржување од локалните власти, скејтпаркот кај Автобуската станица во Тетово конечно беше исчистен и реконструиран. Ветувањето на градоначалничката на Тетово дека ќе постави јавно осветлување на овој простор е исполнето делумно – иако се поставени столбовите за осветлување, тие не се во функција.

Од Општина Тетово вчера соопштија дека осветлувањето е поставено и завршено, но сликите направени синоќа во скејтпаркот покажуваат дека столбовите не светат, пишува Порталб.мк.

По неколкудневна работа, конечно беше завршена реконструкцијата на скејтпаркот, кој претходно беше запоставен од општинските власти и исполнет со ѓубре, израсната трева, гранки од дрвја и други нешта што го оневозможуваа влегувањето и користењето.

Денеска сето тоа е исчистено, а опремата во целиот простор е обоена, засадени се разни дрвја и садници и сега младите можат повторно да го користат за организирање на разни настани како порано.

Она што е делумно реализирано е поставување на јавно осветлување. Општина Тетово вчера за Порталб.мк потврди дека осветлувањето е поставено и завршено, но сликите на терен синоќа покажуваат дека осветлувањето не работи. Единствените столбови што работат беа оние покрај патот до автобуската станица, и тие осветлуваа само еден страничен дел од скејтпаркот.

Ова ветување на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи дојде откако во отсуство на одговорност и грижа од властите за скејтпаркот, неколку млади активисти го исчистија овој простор од отпадоци, ја искосија тревата, ги бојадисуваа застарените клупи и извршија негова општа санација од вандализмот на граѓаните. Тогаш Порталб.мк беше на терен и ја следеше нивната работа.

Во јуни, градоначалничката Арифи вети дека во текот на ова лето ќе се работи на враќање на овој скејтпарк во подобра форма, па дури рече дека ќе се постави јавно осветлување во просторот.

„Бидејќи скејтпаркот е природно продолжение на паркот, одвоивме буџет и за него за да го вратиме во форма. Во текот на летото таму ќе се работи. Ќе се постави јавно осветлување, потоа ќе видиме што може да се додаде покрај осветлувањето“, изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Потсетуваме дека Порталб.мк предминатиот месец беше на скејтпаркот во Тетово, и ситуацијата беше многу поинаква од она како изгледаше на почетокот и по чистењето од страна на активистите. Отпадоци, израсната трева и гранки од дрвја беа првите три елементи што паѓаа во очи во скејтпаркот, сето тоа насобрано така што во некои делови дури и го оневозможуваше влегувањето во скејтпаркот. Исто така, јавното осветлување не беше поставено.

Општина Тетово во јули не одговори на прашањата на Порталб.мк во врска со ветувањата дадени од Арифи за ова место.

Пред речиси две години, „Social Cultural Space Tetova“ побара осветлување, безбедност и одржување на јавниот ред, како и редовно одржување на зелените површини во овој дел од градот. Сепак, овие барања наидоа на молк кај властите.

Во моментот кога се изгради овој скејтпарк, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, беше на местото на настанот, при што беше фотографирана и го промовираше проектот на нејзините социјални мрежи.

Дополнително, таа на состанокот ги покани иницијаторите на овој проект, на кои, меѓу другото, им вети дека овој младински простор, односно скејтпаркот, ќе се одржува преку Јавното комунално претпријатие (ЈКП), но не може да се каже дека ветувањето е реализирано. Инаку, овој простор, заедно со оној во поранешното Радио Тетово го реализираа 45 волонтери на невладината организација „Тоестанд“ од Белгија, околу 20 од невладината организација „Термокисс“ од Косово и волонтери на невладината организација „Демокраси лаб“ (Democracy Lab) од Тетово.