Порталб: Скејт паркот во Тетово не ја преживеа небрежноста од општината, младите во акција

Институционалната небрежност на општина Тетово, како и вандализмот на граѓаните, ги оставија младите во овој град без единствениот скејт парк. Паркот, изграден од странски и локални активисти, во моментов наликува на мала депонија. Откако барањето на младите до институциите за одржување на локацијата не наиде на слух, активистите за време на викендот ги презедоа работите во свои раце. Активистот Берат Асани уште еднаш упатува апел за институционална и граѓанска свест, пишува Порталб.мк.

Просторот во близина на Автобуската станица во Тетово, кој некогаш изгледаше многу шарено и беше едно од ретките места каде младите од овој град имаа можност да организираат разни настани, денес е оставен на милоста на судбината.

Берат Асани, активист кој за време на викендот беше дел од иницијативата за чистење на овој парк, истакнува дека е жално што во локацијата која користат младите за релаксирање, некои граѓани фрлаат разни отпадоци, а општината ги затвора очите.

Берат Асани, активист од Тетово. Фото: Порталб.мк

„За жал, просторот е оставен без грижа, како од општината, така и од луѓето кои со нивниот вандализам го злоупотребија овој културен простор, а можат да дојдат да спортуваат или пак да помогнат да се направи нешто повеќе. Сепак, тие го уништија фрлајќи разни видови отпадоци. Честопати фрлаат и отпадоци кои човек не може ни да замисли дека би можеле да се фрлат во простор каде некој изведува спортски или рекреативни активност, и активности за душевно смирување“, вели Асани.

Тој апелира до општина Тетово да преземе мерки за континуирано одржување на паркот бидејќи, како што вели, тоа е единствениот парк за љубителите на овој специфичен спорт.

„Ова е апел за освестување до граѓаните, но уште повеќе до институциите, општината, бидејќи ова е сопственост на општината, а, пак, ние сме сопственици на овој град. Ако ние како млади луѓе кои имаат страст за некаков вид на спорт или активност, односно имаме страст за овој спорт, што е повеќе од спорт и е урбана култура која е високо ценета во светот, и љубителите на истиот се многу попристапни луѓе, нам не ни е овозможено оваа активност да ја изведуваме правилно“, рече Асани.

Неколку активисти ги презедоа работите во свои раце за време на викендот

Неколку млади активисти од Тетово за време на викендот го исчистија просторот од отпадоците, ја косеа тревата, беа обоени застарените клупи и се изврши општа рехабилитација на просторот од вандализмот на граѓаните и неодржувањето од страна на институциите.

Еден од организаторите на иницијативата за чистење, Рамадан Муртезани, истакна дека не е прв пат во Тетово разни простори да се чистат доброволно и, според него, ова решение е привремено и ги повика институциите да преземат конкретни мерки за чистотата на градот.

Пред две години апел за одржување на овој простор до соодветните институции беше упатен од „Социо-културен простор Тетово“, кои со видео снимка прикажаа голем број отпадоци на ова место. Тие, меѓу другото, побараа и осветлување во овој дел од градот, безбедност и одржување на јавниот ред и мир, редовно одржување на зелените површини и слично. Сепак, сите барања наидоа на глуви уши.

Теута Арифи, градоначалничката на Тетово, на промоцијата на скејт-паркот во 2018 година.

Градоначалничката се фотографираше и го промовираше проектот, но дозволи негово уништување само неколку месеци подоцна.

И покрај потребата за одржување на просторот, од Општина Тетово не сметаа дека треба да одговорат на прашањата на Порталб.мк поврзани со овој случај.

Потсетуваме дека кога беше изграден скејт паркот, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, беше на местото на настанот при што се фотографираше и го промовираше проектот на нејзините социјални мрежи.

Покрај тоа, таа по тој повод ги покани иницијаторите на проектот, на кои, меѓу другото, им вети дека преку Јавното комунално претпријатие (ЈКП) ќе го одржува младинскиот простор, односно скејт-паркот, но тоа не се случи.

Инаку, овој простор заедно со оној во кај поранешното Радио Тетово беше среден од 45 волонтери на невладината организација „Тоестанд“ од Белгија, околу 20 од невладината организација „Термокисс“ од Косово и волонтери на невладината организација „Демократија“ лаб од Тетово.