фото: Мета.мк

Веднаш по усвојувањето на францускиот предлог во Собранието на Северна Македонија, на 19 јули се одржа првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Албанија со Европската Унија. Преговорите нема да почнат сè додека не се спроведат уставните измени од македонска страна, за што е потребно да гласаат две третини од пратениците во Собранието, што мнозинството го нема, затоа е потребна поддршка од македонската опозиција, која предупреди дека нема да гласа за измена на Уставот, спротивставувајќи се на истите дури со протести, пренесува Порталб.мк.

Се чини дека спроведувањето на францускиот предлог и конечното отворање на преговорите ќе биде тешко. И покрај тоа што Владата може да има свои сценарија, во контекст на тоа како ќе се одвиваат измените во однос на уставните измени, таа не може сама да направи ништо.

За одлуката за отворање на уставните измени, Собранието на Македонија мора да има 80 гласа „за“, што во моментов владата ги нема.

Откако Скопје го реши својот долгогодишен спор со својот сосед Бугарија, Албанија и Северна Македонија добија зелено светло за почеток на пристапните преговори кои на крајот би можеле да доведат до членство во ЕУ.

EURACTIV ги објаснува следните чекори што треба да ги преземат двете земји на нивниот пат кон членство во ЕУ.

„Направивме уште еден важен чекор кон приближување на Западен Балкан до ЕУ“, рече чешкиот премиер Петр Фиала, чија земја претседава со ЕУ, по даденото зелено светло на состанокот на амбасадорите на ЕУ во Брисел.

Албанскиот премиер Еди Рама и неговиот колега од Северна Македонија, Димитар Ковачевски, присуствуваа на меѓувладината конференција во Брисел што ја отвора вратата за почеток на пристапните преговори кои најверојатно ќе траат со години.

Приказната за повеќекратното вето

Северна Македонија доби кандидатски статус во 2005 година, но долги години не можеше да ги започне преговорите за членство поради противењето на Грција, сè додека не го смени името, го отстрани сонцето од Вергина од своето знаме и се откажа од „хеленизацијата“ на својата историја според Договорот од Преспа од 2018 година.

По Преспа, Франција го блокираше отворањето на преговорите за членство со Скопје и Тирана додека не беше одобрена нова методологија за идното проширување на ниво на ЕУ.

Следна пречка беше бугарското вето од 2020 година, бидејќи Софија го блокираше секој напредок поради спорот меѓу земјите околу историските прашања и потребата да се надмине непријателството кое датира од времето на Тито.

Ова беше надминато откако Северна Македонија и Бугарија го потпишаа францускиот предлог со кој македонскиот јазик ќе стане официјален јазик во ЕУ, ќе се измени Уставот на земјата за да Бугарите се признаат меѓу народите кои ја градат нацијата, да се заштитат малцинските права, да се сменат учебниците со негативни референции за Бугарија и говорот на омраза беше воведен во кривичниот законик.

Бугарија сепак, продолжува да го смета македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот и во понеделникот на состанокот на амбасадорите на ЕУ поднесе меморандум во кој потсетува на својот став.

Спорот меѓу Софија и Скопје ја закочи кандидатурата на Албанија да стане членка, бидејќи ЕУ ги здружи двете земји во нивната кандидатура за членство. Албанија доби кандидатски статус во 2014 година, девет години по Скопје.

Се очекува Албанија веднаш да ги започне преговорите за членство, додека Северна Македонија прво ќе треба да го смени својот устав за да ги вклучи Бугарите меѓу другите народи кои се наведени во него.

Како што рече бугарската министерка за надворешни работи во заминување, Теодора Генчовска, ова може да потрае „три месеци, а можеби и две години“.

Како стануваат кандидатите членови?

Пред почетокот на пристапните преговори, земјата-кандидат и Европската комисија ја воспоставуваат таканаречената „прет – пристапна стратегија“, која води до изготвување на преговарачка рамка од двете страни.

Преговорите не можат да започнат додека мандатот не биде едногласно одобрен од сите земји – членки на ЕУ.

Во овој процес, Европската комисија мора да биде задоволна што земјата кандидат исполнува три услови, таканаречените Копенхашки критериуми.

За да ги започне преговорите, земјата – кандидат, сепак, треба само да ги исполни политичките критериуми, додека другите може да се исполнат во фазата на преговори.

Потоа се водат преговори меѓу министрите и амбасадорите на владите на ЕУ и земјата кандидат, во она што се нарекува Меѓувладина конференција (МВК).

Првата фаза вклучува ригорозен процес на проверка на законодавството на земјата – кандидат за да се види колку е добро истото усогласено со правото на ЕУ или со acquis communautaire.

Acquis е поделено на 35 преговарачки поглавја, групирани во шест групи, кои го покриваат секој законодавен аспект, кои може да се склучат само поединечно со едногласен благослов на сите земји – членки на ЕУ.

Преговорите започнуваат со отворање на поглавјата за таканаречените „фундаментални“ прашања, како што се судството и основните права, а ова поглавје е и последно што ќе се потпише.

Преговорите за неколку поглавја може да се одвиваат истовремено.

Откако ќе се затворат сите поглавја, Комисијата ги препорачува земјите – кандидати за членство и земјата го потпишува Договорот за пристап, во кој се одредува датумот за членство, што ја прави „земја која пристапила“.

Договорот мора да биде ратификуван од сите 27 земји – членки и Европскиот парламент, кој мора да го одобри текстот со апсолутно мнозинство.

Колку долго трае зачленувањето?

Темпото на преговори зависи од брзината на реформите и усогласувањето со законите на ЕУ во секоја земја, а нивното времетраење може да варира.

Европската комисија го опишува напредокот на земјите кандидати во годишните извештаи.

За Северна Македонија и Албанија, извршната власт на ЕУ во минатогодишната оценка рече дека двете земји биле „просечно подготвени“ во повеќето од шесте групи и забележале одреден напредок.

Реално, затворањето на поглавјата може да потрае неколку години, како што е случајот со Србија или Црна Гора.

Секоја членка на ЕУ може да приговори на затворање или отворање на поглавјата, а Бугарија го задржа правото да го стори тоа доколку Северна Македонија не го имплементира билатералниот протокол.

Најбрзите преговори за пристап беа со Австрија, Финска и Шведска, за нешто помалку од две години, додека на Хрватска и беа потребни нешто помалку од осум години од почетокот на преговорите за да стане полноправна членка на блокот.

Кои се можните пречки?

Билатерални прашања или внатрешни немири: И покрај тоа што ја доби поддршката од мнозинството пратеници, францускиот предлог предизвика широки протести во Северна Македонија, при што противниците тврдат дека промената на уставот може да биде чекор предалеку.

Критичарите на францускиот предлог во Скопје велат дека тој ја отвора вратата за негирање на македонскиот национален идентитет. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија силно се спротивставува на францускиот компромис.

Стапка на апсорпција: Критериумите од Копенхаген го вклучуваат и четвртото размислување, имено дека ЕУ мора да има капацитет да апсорбира нова земја – членка.

Во текот на изминатите неколку години, внатре во ЕУ имаше одреден степен на колебање околу проширувањето. Но, стратешката важност на Западен Балкан за ЕУ ​​се зголеми по руската инвазија на Украина, поради стравот од влијанието на Москва во регионот.

Чешка, која сега е на ред да претседава со Советот на ЕУ, ќе мора да балансира меѓу земјите кои бараат брз пристап на Украина во ЕУ и од другата страна земјите кои чекаат долги години, како оние од Западен Балкан.

Во октомври 2022 година, чешкото претседателство ќе организира неформален самит во Прага. Во таа активност ќе учествуваат земји – членки и други европски земји „од Исланд до Украина“.

Сепак, некои земји – членки ефикасно се залагаат за реформи во ЕУ пред секое натамошно проширување на блокот.

Франција неодамна го претстави својот сребрен куршум за стабилизирање на соседството на ЕУ и тоа не е нужно проширување на прво место.

Инаку, францускиот предлог за решение на спорот Бугарија – Северна Македонија и отворање на преговорите за евроинтеграција, во земјава пристигна на 30 јуни, по што премиерот Ковачевски најави обемен процес на консултации со владината коалиција, претседателот на државата, Собранието, опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертите и пошироката јавност во земјава.

На последниот Самит на ЕУ, Бугарија не го укина ветото, бидејќи парламентот требаше да го одобри францускиот предлог за потоа да го укине ветото. Но, по Самитот, односно на 24 јуни годинава Предлогот на Макрон помина во бугарскиот парламент, што значеше отстранување на ветото на Бугарија за Северна Македонија, но истовремено и отстранување на пречката за Албанија да продолжи со процесот на интеграција во ЕУ.

Потсетуваме дека пред отстранувањето на ветото, отворањето на преговорите со Европската унија за Северна Македонија постојано беше блокирано од Бугарија. Официјална Софија бараше Скопје да ги прифати бугарските барања дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот јазик и дека македонската нација ја создал Јосип Броз Тито. Овој спор две години го блокираше евроинтегративниот процес на земјата, при што Бугарија двапати стави вето на Северна Македонија во 2021 година, еднаш во јуни, а потоа на 14 декември 2021 година, уште еднаш го блокираше почетокот на преговорите РСМ-ЕУ.

И во 2020 година, истата соседна земја двапати стави вето на Северна Македонија, еднаш внатре Советот на министри за надворешни работи на ЕУ како и во Советот за општи работи на ЕУ, со што се оневозможи одобрување на преговарачката рамка за почеток на преговори на земјата со ЕУ. За да се решат споровите во историјата, Македонско – Бугарската комисија одржа состаноци, но тие не успеаја да најдат решение. Страните најмногу не се согласуваат околу идентитетот на историските личности на Цар Самоил и Гоце Делчев.

Напишете коментар