fbpx

Порталб: Реорганизацијата на администрацијата најавена во 2017 година сè уште е во почетна фаза

-

Процесот на реорганизација на јавната администрација, со кој се предвидува намалување на бројот на институции и вработени во јавниот сектор, сè уште е далеку од реализација. И покрај тоа што беше ветено во 2017 година, до денес законот сè уште не е подготвен, пишува Порталб.мк.

Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири вчера изјави дека процесот на реорганизација е сè уште во прва фаза, односно фаза на состаноци и консултации, и најави дека до јуни законот ќе треба да стигне до Владата, а во текот на летото да биде испратен до Собранието.

„Претставниците на МИОА одржаа неколку состаноци со претставници на водачите на проекти од Европската комисија. На тие состаноци, веќе во проширен состав, учествуваат и владините партнери, но и опозицијата. По разгледувањето на сите извештаи, ќе продолжиме со втората фаза од предлогот поднесен од работната група, нацрт-верзијата на законот ќе биде објавена во ЕНЕР, во согласност со годишната програма за работа на Владата, потоа во јуни законот треба да дојде пред Владата, а во текот на летото ќе биде доставен во собраниска процедура. Со состанокот за законот ќе започне целиот процес на реорганизација“, рече Шаќири.

Според министерот, реорганизацијата ќе трае 3 години и ќе има акциски план за спроведување на истата.

„За тоа ќе биде одобрен акциски план, кој ќе трае 3 години. Во процесот на подготовка на акцискиот план, дистрибуцијата на човечки ресурси во самите институции исто така ќе биде земена во предвид преку законските одредби од Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор“, додаде Шаќири.

Според ветувањата на властите, овој проект ќе им овозможи на министрите да бидат институции за креирање политики, агенциите да бидат тела за спроведување на политиките, а инспекторатите да имаат надзорна функција. Според ветувањата на МИОА, повеќе нема да има мешање на надлежностите меѓу институциите и се очекува да се намали бројот на институциите и вработените.

ИПА – проектот започна во ноември 2019 година, но претходно беа спроведени првичните анализи и мапирање на институциите и правната рамка, со поддршка од други донатори. Проектот има буџет од 1,7 милиони евра, во рамки на ИПА, односно финансирањето е обезбедено целосно од пари на Европската комисија.

Овој проект беше ветен од поранешниот министер на МИОА, Дамјан Манчевски во јуни 2017 година, кој рече дека „нема да има отпуштања од државната администрација, туку ќе се направи реорганизација за поголема ефикасност“.

Во мандатното писмо на премиерот Зоран Заев, кое го испрати до наследникот на Манчевски, Јетон Шаќири, реорганизацијата и оптимизацијата на администрацијата се нагласени како прва точка.

„Во соработка со Владата и надлежните институции, да се продолжи со процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби. Намалување на обемот на вработени во јавниот сектор за 20 отсто, комбинирање на функциите и надлежностите на институциите, пензија на возраст од 64 години (со исклучок на дефицитарни кадри и професии), пакети за трансфер во приватниот сектор или предвремено пензионирање итн.“, му пишал Заев, меѓу другото, на Шаќири.

И додека процесот на реорганизација и оптимизација не е започнат, бројот на вработени и институции продолжува да биде меѓу главните проблеми на јавниот сектор. Според извештајот на регистарот на вработени во јавниот сектор за 2020 година, подготвен од Министерството за информатичко општество и администрација, бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 1.717 во споредба со минатата година, додека бројот на институции е зголемен за 8, односно, 131.183 лица се вработени во 1.322 институции.

Универзитетскиот професор, Борче Давитковски неодамна во интервју за Порталб.мк, истакна дека е разочаран од реформите во администрацијата.

„Многу сум разочаран бидејќи сметав дека тие навистина треба да седнат и да направат реформи, но досега немам видено ниту една реформа. Првиот мандат на Владата помина, да речеме дека во тој мандат имаа политички теми, договорите од Преспа, па со Бугарија. Сега е втор мандат, реформите се прават на почеток, а не на крај од мандатот, тогаш никој не прави реформи, но ете полека го јадат мандатот, доаѓаат локалните избори, јавната администрација повторно ќе се наполни, ќе примат нивни луѓе. Ќе примат гласачи, а нивото на квалитет на услугите во јавната администрација од година во година опаѓа и граѓаните се незадоволни“, рече професорот Давитковски.

Реформите во јавната администрација и понатаму остануваат црна дамка за Северна Македонија, бидејќи власта се менува често, но проблемите постојано ги оставаат да скапуваат во институцијата која мора да обезбеди департизација на администрацијата; да го намали големиот број институции и вработени во јавниот сектор; да обезбеди ефикасни, брзи и квалитетни услуги.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Во изминатото деноноќие регистрирани 22 пожари на отворено, осум сè уште се активни

Вкупно 22 пожари на отворено биле евидентирани во последното деноноќие, а од нив утрово се активни осум пожари, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК). Пожарот над село Селце, кој...