fbpx

Порталб: Работата на Историската комисија може да сруши некои митови и да ги зближи Македонија и Бугарија

-

Протоколот меѓу Северна Македонија и Бугарија може да произведе позитивни промени на двете страни од границата. Ревидирањето на учебниците и донесувањето одлуки врз основа на факти и докази може да придонесе за отфрлање на некои митови во двете земји, што на долг рок може да придонесе за зближување на двата народа. Што се однесува до отпорот на македонската опозиција да го прифати ова, аналитичарите го сметаат тоа за фрустрација, што е против членството на Северна Македонија во ЕУ, пренесува Порталб.мк.

Директорот на Евротинк, Димитар Николовски, вели дека генерално, Рамката остава простор протоколот да се користи за натамошно блокирање од страна на Бугарија, но не како формален услов. Како документ сам по себе е помалку застрашувачки отколку што се очекуваше пред неговото објавување. Тој документ, пак, додава Николовски, предвидува обврски за двете страни (иако асиметрично) и може да произведе позитивни промени од двете страни на границата. Останува да се види, додава тој, како конкретно се формулирани точките за кои членовите на Историската комисија се договориле, за да се даде конечен суд за тоа како промените што нè очекуваат на одбележувањето на историските настани, личности и учебниците изгледаат.

„Ревизијата на учебниците има за цел тие да се засноваат на факти и историски докази, како што е општата работа на оваа комисија. Меѓутоа, како што гледаме, усогласувањето на овие факти оди бавно и болно, поради фактот што самата историска наука не е изолирана од современите случаи. Така, особено толкувањата на фактите може да бидат проблематични. Со оглед на нерамноправната позиција на двете страни, всаден е стравот дека политиката може да нè притисне да прифатиме нешто на наша штета. Меѓутоа, носењето одлуки врз основа на факти и докази може да придонесе за отфрлање на некои митови од двете страни на границата, што на долг рок може да придонесе за зближување на двата народа. Најважно е комисијата да работи без притисок, ако целта е навистина да се подобрат односите меѓу Македонија и Бугарија“, вели Николовски.

Од друга страна, аналитичарот Исмет Рамадани смета дека прашањето за ревизијата на книгите посебно, е оставено на Комисијата на историчари кои, сепак, се во сооднос седум спрема седум, а одлуките се носат со консензус на двете страни, па затоа не треба да се мешаат ниту политиката ниту другите кои се преокупирани со работи кои не се поврзани со реалноста. Треба да се прифати тоа што е наука, тоа што е факт и препораките на оваа комисија треба да се почитуваат.

„Не го разбирам апсурдот на македонската опозиција, на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ. Има некоја фрустрација за која се сомневам дека е поврзана со реалноста и перспективата на Северна Македонија во ЕУ. Тоа се повеќе индиции дека има мешање од некоја политика, која е против членството на Северна Македонија во ЕУ, но има и сигнали дека македонската опозиција не избира средства, форми, начини за создавање околности за дестабилизација, односно иницирање на предвремени избори за да се вратат на власт што е можно поскоро, затоа што тие се заглавени со судските случаи за нивниот криминал или на нивното раководство, и навистина ова е ненормално однесување на опозиција која сака на кој било начин да најде форми да го попречи напредокот на Северна Македонија кон евроинтеграциите“, вели Рамадани.

Сепак, додава тој, мора да се согласиме дека и бугарските политичари не го избираат речникот во пристапот кон тоа што значи македонскиот идентитет и јазик, што на некој начин не се совпаѓа со стандардите и критериумите на однесување на една држава која е во ЕУ, а последната изјава на бугарската министерка за надворешни работи ја смета како изјава за задоволување на домашната јавност, но која им дава аргументи на анти – европските структури кај нас, со што се создава амбиент кој не оди во прилог на тоа што значи интеграција, односно членство во ЕУ.

„Не е точно дека над 70-80 отсто од Македонците се против овој протокол, против оваа рамка на разговори со ЕУ. Овде има некои напумпани, претерани откривања или анкети, кои всушност само создаваат конфузија кај граѓаните. Впрочем, ниту еднаш пред Собрание немало повеќе од 2.000 луѓе, кои реагирале, што е нормално во такви околности, всушност тоа е структура која е плен на дезинформации, не е политички еманципирана за да се разбере што е Рамковниот договор, што е протоколот или што се преговорите со ЕУ“, оценува Рамадани.

Во протоколот потпишан меѓу двете земји, се наведува дека двете влади ја потврдуваат својата поддршка за работата на Комисијата и се обврзуваат „да создадат поволни услови за нејзината работа, да ја поттикнат да работи поефективно и да постигне конкретни резултати, врз основа на строго научна дебата а со цел да се презентираат факти и настани од заедничката историја што ги поврзува двете земји и нивните народи во образовните системи на двете земји“.

„Комисијата во својата работа мора да ги почитува одредбите од членот 8, параграфот 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, односно… ‘да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани, врз основа на автентични историски извори кои се засноваат на докази’. Според одредбите од Договорот од 2017 година, работата на Комисијата не може да се прекине еднострано“, се наведува во Протоколот за отворање на преговорите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...