Фото: Арбнора Мемети

Ветен пред многу години, проектот за модернизација на зелениот пазар „Бит Пазар“ никако да заврши, градежните работи се одолговлекуваат со години, а предвидените рокови се пречекорени, пишува Порталб.мк.

Општина Чаир, која го вети овој проект, ја отфрли одговорноста, со образложение дека одговорна за реализација на проектот е АД „Скопски Пазар“, друштво во кое во текот на годините дошло до смена на сопствениците. Иако градежните работи започнаа пред повеќе од две години, и овој период не им беше доволен да го завршат проектот што се ветува околу 10 години. Делот на женскиот пазар што се наоѓа во рамки на овој пазар сè уште е неуреден и хаотичен.

На прашањето на Порталб.мк, од Скопски пазар рекоа дека набрзо ќе започне и изградбата на последната фаза на Бит Пазар, но не открија многу детали околу тоа колку чини проектот.

„Градежните работи се очекува да започнат во почетокот на јануари и ќе траат до месец април. Во текот на овој период пазарот нема да работи. Така, се очекува во мај да се заврши и да започне со работа. Не можам да кажам сега колку ќе чини оваа фаза, не би можел да кажам точно. Тоа што е сработено досега чинеше околу 5 милиони евра“, рекоа од Скопски пазар.

Во меѓувреме, Екрем Долек од Комората на трговци во изјава за Порталб.мк вели дека роковите за овој проект се пречекорени откако се сменија сопствениците на АД „Скопски пазар“. Тој рече дека се очекува до месец март да заврши последниот дел што се однесува до зелениот пазар и потоа, да се изгради и паркингот што е предвиден да биде над пазарот.

„Имаме задоцнување, пречекорени се предвидените рокови, бидејќи во меѓувреме друга компанија ја презеде сопственоста врз „Скопски пазар“ и речиси една година помина само така. Меѓутоа, овие нови сопственици работат малку подобро. Сега акциите ги купил друг, бидејќи претходниот сопственик имаше изгубено 50 отсто од акциите и сега има нови сопственици кои управуваат со Скопски пазар како фирма. Изградбата продолжи, немаше некаков проблем. Но, се работи и за малку специфична градба бидејќи, треба да се да се отстранат тезгите од едно на друго место, да се уредат овие делови е проблематично. Ова e четвртата, последна фаза и потоа треба да се уреди предвидениот паркинг над пазарот. До март би требало да заврши овој дел, затоа што нема многу работа, сега останува уште еден дел кај женскиот пазар што треба да се додаде“, рече Долек.

Модернизацијата на Бит Пазар се ветува околу 10 години. Во 2013 година, тогашниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, го претстави проектот за промена на изгледот на Бит Пазар, изјавувајќи дека реализацијата на проектот треба да започне после три месеци, а ќе чини 10 милиони евра, средства обезбедени од страна на Скопски пазар.

Овој проект почна да се реализира 5 години подоцна, а во 2018 година беше промовиран во речиси секоја предизборна кампања од кандидатите на ДУИ што се натпреварувале во локалните избори за оваа општина.