Фото: Порталб.мк

Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер усвои одлука со која се потврдува дека Општина Тетово постапила незаконски против барањата на редакцијата на Порталб.мк. Се работи за 7 барања за информации, за кои Агенцијата бара од Општина Тетово што побрзо да ѝ одговори на редакцијата на Порталб.мк.

Иако за време на предизборната кампања, градоначалничката на Тетово редовно ветуваше транспарентност, таа постапуваше незаконски криејќи информации од јавен карактер од новинарите, пишува Порталб.мк

„Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, по разгледување на жалбата и другите списи во врска со случајот, заклучи дека Давателот на информации (Општина Тетово) не постапила согласно законските одредби за слободен пристап до информации од јавен карактер и не ги доставила бараните информации до барателот, на начин и форма наведени во барањето“, се наведува во одлуката на Агенцијата.

Агенцијата исто така му соопштува на давателот на информации од јавен карактер дека во текот на втората постапка е должен да ги достави бараните информации во целост и да постапува согласно член 20 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во кој се наведува: „Ако носителот на информации одговори позитивно на барањето или доколку го одбива барањето делумно или целосно, за тоа ќе се донесе одлука“.

Редакцијата на Порталб.мк има побарано од Општина Тетово да достави информации за:
• Долгот на Општина Тетово и списокот на правни и физички лица на кои Општина Тетово им должи, заедно со износот;
• Информации во врска со изградбата на секундарна селекција во тетовското село Фалиш;
• Документ што се нуди на сопствениците на куќи што треба да се срушат за отворање на булеварот „Благоја Тоска“ и колку пари општина Тетово потрошила вкупно (од сопствен буџет), од 2013 година, за овој булевар;
• Информации во врска со средствата обезбедени од Јавното комунално претпријатие „Тетово“ од 2017 година и колку пати досега се променети корпите за отпадоци;
• Колку барања за легализација има општина Тетово во моментов. Колку такви барања се примени од 2017 година и колку од нив се разгледани;
• Кој е точниот број на вработени во општина Тетово. Кое општинско претпријатие има најголем број вработени;
• Кога последен пат се сменети водоводните цевки во Тетово.

Порталб.мк од Општина Тетово доби одговор само за барањето бр 5, односно за бројот на барања за легализација. СТигна одговор и за третото барање во врска со булеварот „Благоја Тоска“, меѓутоа, општинските власти не одговорија на нашите прашања, туку имаат наведено нешто сосема друго, за што Порталб.мк ќе поднесе жалба.

Ова не е првпат Општина Тетово да покажува нетранспарентност

Во февруари минатата година, бидејќи Општина Тетово повторно криеше информации од јавен карактер, Порталб.мк се пожали и Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер донесе одлука во корист на Порталб, и побара од општина Тетово да го почитува законот.

Редакцијата нема да престане да бара одговори и транспарентност од Општина Тетово за граѓаните и ќе ја врши својата професионална новинарска работа. Порталб.мк повторно ја потсетува Општината дека има законска обврска да ги испрати во целост потребните податоци.

Оттаму ја потсетуваат градоначалничката на Тетово, Теута Арифи дека во интервјуто на Порталб.мк и Вистиномер.мк, таа вети дека ќе биде транспарентна и дека истото ќе го стори и тимот за односи со јавноста.