Порталб: По најавите за протести, Теута Арифи најавува промена на цените за јавниот превоз во Тетово (инфографик)

Фото: Порталб.мк

Три дена откако студентите и студентските организации од Тетово најавија протести и го искажаа својот револт поради фактот дека во ценовникот за јавен превоз немаше ставка со која се предвидени олеснување на цените за младите, туку само за јавната администрација, градоначалничката Теута Арифи, оствари средба со претседателот на Студентскиот парламент во УЈИЕ, Агрон Демири, по што Арифи изјави дека ќе се изготви предлог – промена на ценовникот, без да ги прецизира промените, пишува Порталб.мк.

Ценовникот изгласан од Општинскиот Совет пред 3 дена беше проследен со реакции од студентите и студентски организации, а имаше реакции и од советниците на Движењето БЕСА и Алијансата за Албанците (АА) поради фактот што студентите се принудени да плаќаат повеќе од јавната администрација.

Како резултат на горенаведените реакции, градоначалничката Арифи вчера се состана со претседателот на Студентскиот Парламентот и Студентското здружение при УЈИЕ, Агрон Демири, при што Арифи вели дека е постигнат договор. Сепак, не е познато дали барањата на студентите кои најавија протести се прифатени.

„Денес во општина Тетово остварив средба со претседателот на Студентскиот Парламент и Студентското здружение при УЈИЕ, г. Агрон Демири. Разговаравме за повеќе предизвици и проблеми на студентите со посебен акцент на правилникот на ценовникот за организиран градски превоз во Тетово, каде студентите на додипломски студии се категоризираат во посебна тарифа. Заедно се согласивме за поинклузивен пристап со цел во оваа категорија за плаќање билети за градски превоз да ги вклучиме и учениците, како и сите студенти без оглед на циклусот на студии што ги посетуваат. Транспортното претпријатие Тетово ќе подготви предлог – промена на постојниот ценовник со цел тој да биде одобрен од Советот на Општина Тетово. Разговаравме и за други теми во врска со зголемувањето на квалитетот на животот и општинските услуги за студентите во Тетово“, изјави Арифи.

Ова го револтирааше активистот и студент Дон Муртезани, кој за Порталб.мк изјави дека со последната одлука на општинскиот совет е оштетен највиталниот слој на општеството, студентите, и бара итно промена на оваа веќе усвоена одлука.

„Многу слоеви се погодени од одлуките на општинскиот совет, овој пат е оштетен највиталниот слој на општеството, односно младите; низ целиот свет се работи студентите да имаат олеснувања, а ние ги оштетуваме. Мојот предлог би бил сите студенти да постават фронт против општината и оваа одлука што воопшто не е разумна. Мислам дека треба да има олеснувања, евентуално превозот за студентите да биде бесплатен со лична карта или да кошта најмалку 200 денари годишно. Ако ги споредиме со општинската администрација, тие добиваат плати додека голем број од нив дури и не одат на работа, зошто треба да ги имаат овие бенефиции додека студентите имаат полно трошоци без воопшто олеснувања“, рече Дон Муртезани, активист и студент.

Од друга страна, Зелиха Мустафа од Сојузот на Албански студенти (САС) го истакна фактот дека студентите не создаваат приход како вработените во општината, па според оваа организација, олеснувањата за администрацијата се скандалозни.

„Ова е тотално неприфатлива цена за нас од САС, бараме цената итно да се коригира и да биде прифатлива цена за нашиот џеб знаејќи дека ние како студенти не создаваме приход и месечниот студентски буџет е ограничен, а да не кажам дека е однапред планирани за неопходни трошоци. Во оваа ситуација, ние, САС, мора да го кренеме гласот и не смееме да го дозволиме овој ценовник “, рече Зелиха Мустафа.

Инаку, ветувањето за јавен превоз во Тетово, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи го даде во првиот мандат во Локалната изборна програма од 2013 година „Градиме заедно“, а истото го повтори и на дебатата организирана од „БИРН Косово“ и „Portalb.mk“ во октомври 2017 година.